Од Универзитетот во Хонг Конг отстранета скулптурата за масакрот на демонстранти на Тиананмен

Познатата статуа на Универзитетот во Хонг Конг, кој го одбележува масакрот на Плоштадот Тиананмен, синоќа од кампусот.

Скулптурата наречена „Столб на срамот“ прикажува мртви тела на демонстрантите убиени од кинеските власти во 1989 година. Станува збор за една од ретките јавни статуи во Хонг Конг која го одбележуваа овој инцидент кој е многу чувствителна тема во Кина, а нејзиното отстранување доаѓа откако властите во Пекинг се справуваат со политичкиот активизам во Хонг Конг.

Хонг Конг беше речиси единственото место во Кина каде беше дозволено јавно прикажување на протестите од Тиананмен.

„Одлуката за оваа стара статуа беше донесена по надворешен правен совет и проценка на ризик која е во најдобар интерес за Универзитетот. Униврзитетот исто така е многу загрижен за потенцијални безбедносни прашања поврзани со оваа чувствителна статуа“, стои во соопштението на Универзитетот во Хонг Конг.

22-годишниот студент на Универзитетот во Хонг Конг, Били Квок, за Ројтерс изјавил дека се работи за тажен момент.

„Навистина е иронично… Не верувам дека луѓето очекуваа ова да се случува во Универзитетот како објект кој би требало да ја почитува таканаречената слобода на изразувањето и слободата на говорот“, вели тој.

Додека градежни работници во текот на ноќта ја отстранувале статуата, обезбедувањето ги блокирало новинарите да пристапат до локацијата и се обидувале да ги спречат да снимаат.

Според авторот на скулптурата, Јенс Галшиот, делото треба „да не потсетува на срамниот настан кој не смее никогаш да се повтори“. Тој го окарактеризирал отстранувањето на статуата како брутално и вели дека размислува да ги тужи властите и да бара надоместок на штета.

„Ова е скулптура за мртви луѓе и помен за мртвите луѓе во Пекинг во 1989. Кога го уништувате тоа на ваков начин, тоа е како да одите на гробишта и ги уништувате сите споменици“, изјавил Галшиот за Би-Би-Си.

Од Универзитетот велат дека статуата, која беше поставена на нивниот кампус 24 години, ќе биде ставена во нивните складишта.

Илјадници мирни демонстранти кои протестираа за повеќе демократија беа убиени од кинеската војска во летото 1989 година на Плоштадот Тиананмен во Пекинг. Меѓународната заедница го осуди овој настан откако армијата и тенковите отворија оган врз демонстрантите.

Инцидентот се смета високо политички чувствително прашање во Кина, и властите имаат забрането секаков вид на изразување поврзан со настаните од 4-ти јуни.

Минатата година властите во Хонг Конг го забранија годишниот помен за одбележување на настаните од Тиананмен за прв пат по 30 години како се одржува. Образложението тогаш беше дека се работи за ковид-рестриктивни мерки, но локалните активисти обвинуваа дека се работи за подлегнување на притисокот од кинеските власти, кои, според нив, сакаат да го пригушат демократскиот активизам во Хонг Конг.