Петмина во Хонгконг добија затворски казни за детска книга каде овци се опкружени со волци

Пет логопеди од Хонгконг добија по 19 месеци затвор откако беа осудени за бунт по објава на серијал детски книги.

Во книгите овци се обидуваат да го одбранат нивното село опколено од волци, а надлежните институции ова го протолкувале како алузија на односите меѓу Хонгконг и кинеската влада.

Авторите, пак, тврдеа дека книгата ја опишува „историјата низ човечка перспектива“, но судијата пресуди дека се работело за „перење на мозокот на децата“.

Оваа казна доаѓа по обидот за ограничување на граѓанските права на оваа кинеска провинција, кога Кина воведе нов закон за национална безбедност.

Осудените биле дел од Синдикатот за логопеди на Хонг Конг. Минатата година овој Синдикат објави три илустрирани електронски книги кои го објаснуваат демократското движење во Хонг Конг на децата. Про-демократските приврзаници се прикажани како овца која живее во село опколено од волци.

Во првата книга се објаснети протестите од 2019 година, додека во втората книга чистачите во селото започнуваат штрајк за да ги избркаат волците кои фрлаат ѓубре насекаде, што асоцира на штрајкот на медицинските работници од минатата година за да се затвори границата со Кина на стартот на пандемијата со Ковид-19.

Последната книга е за група овци кои го напуштаат селото на брод поради волците. Ова, пак, е директна референца на неуспешниот обид на 12 луѓе од Хонг Конг да пребегнат во Тајван минатата година откако беа уапсени и затворени од кинеските крајбрежни патроли.

Бунтувањето е кривично дело од колонијализмот и до минатата година не беше воопшто користено во Хонг Конг од 1997 година и воспоставувањето на кинеската власт во градот. Според законот пропишана е казна затвор до две години за прво такво дело.

Ова дело сега често се користи од полицијата и обвинителството по воспоставувањето на законот за национална безбедност кој требаше да го спречи слободниот политички говор во земјата.