Протести низ повеќе кинески градови и судири во Шангај поради строгите ковид-рестрикции

Стотици демонстранти се судрија со полицијата во Шангај на протестите поради строгите ковид-рестрикции во Кина.

Протестите траат веќе трети ден и се проширија на повеќе градови во земјата. Ваквиот израз на незадоволство е редок во Кина и претставува најголем тест за претседателот Си Џинпинг, кој пред само неколку недели го доби третиот мандат за владеење со земјата.

Бранот граѓанска непослушност избувна по смртоносниот пожар во зграда во градот Урумчи, на западот во земјата, во кој загинаа 10 луѓе. Сведоците на трагедијата велат дека поради ковид-рестрикциите граѓаните не можеле да го напуштат објектот, а пожарникарите доцнеле со интервенцијата.

„Само ги сакаме нашите основни човекови права. Не можеме да ги напуштиме домовите без правење тест. Но, несреќата во Урумчи беше нешто што ја прели чашата“, вели еден 26-годишен демонстрант од Шангај, кој сакал да остане анонимен.

„Луѓето овде не се насилни, но полицијата ги апси без никаква причина. Се обидоа да ме зграпчат, но луѓето околу мене ги одгурнаа и успеав да избегам“, додава демонстрантот.

До ноќта неколку стотици луѓе беа собрани на локациите каде се одржуваше протестот во Шангај. Некои од нив се конфронтираа со полицијата која сакаше да ги разбие собирите. Во знак на протест, граѓаните носеа празни листови хартија.

На една од снимките од Шајгај можеше да се види и како новинар на Би-Би-Си е удиран од полицијата пред да биде приведен.

„Би-Би-Си е многу загрижена за односот кон нашиот новинар Ед Лоренс, кој беше уапсен и на кому му беа ставени лисици додека ги следеше протестите во Шангај. Тој беше приведен неколку часа пред да биде ослободен и покрај тоа што беше акредитиран новинар“, изјави портпаролот на телевизискиот сервис.

Синоќа протести покрај во Шангај се одржаа и во Пекинг, Ченгду, Вухан и Гуангжо.

Во центарот на Вухан, каде започна пандемијата пред три години, видеоснимките на социјалните мрежи покажуваат стотици жители кои кршат метални барикади и ги превртуваат специјализираните шатори кои служат како ковид-пунктови со барање да се стави крај на карантините.

Денеска Кина информираше за нов дневен рекорд по број на Ковид-19 инфекции, со 40.347 новозаразени. Градовите Гуангжо и Чонгчинг, кои имаат илјадници заразени, не успеваат да ја сузбијат заразата. Неколку стотици инфекции се регистрирани во повеќе други градови низ земјата.

Кинеската берза имаше значителен пад откако инвеститорите почнаа да ги повлекуваат средствата загрижени од влијанието на протестите врз втората најсилна економија во светот.