Кина ги укина строгите ковид-рестрикции по бранот протести

Кинеските власти ги ублажија ковид-рестрикциите, кои досега важеа како едни од најстрогите во светот и принудија илјадници граѓани да протестираат против нив изминативе недели.

Со новите промени најголем дел од луѓето со Ковид-19 сега ќе можат да бидат во домашен карантин, наместо како што беше досега во државните објекти наменети за тоа.

Оние, пак, кои имаат слаби или воопшто немаат симптоми ќе можат да останат дома и самите да пријавуваат резултати од тестирањата.

Дополнително за влез во најголемиот дел јавни објекти нема да биде потребен ПЦР тест, освен за влез во болници и училишта.

Реформата доаѓа една недела по еден од најголемите бранови на протести кои ја зафатија земјата последниве години. Граѓаните излегоа на улиците незадоволни од строгите рестрикции за спречување на ширењето на коронавирусот.

Ова е досега најсилниот знак дека Кина се оттргнува од нивната строга политика на „нула-Ковид“ и се префрла на „живот со вирусот“ како што е случај низ целиот свет. Ова доаѓа во момент кога земјата се справува со најголемиот бран на инфекции од почетокот на пандемијата – преку 30.000 новозараени дневно.

Досега Кина ги принудуваше заразените од Ковид и сите кои биле во близок контакт со нив да одат во карантински кампови. Оваа политика беше многу непопуларна во јавноста бидејќи раздвојуваше семејства и ги разделуваше луѓето од нивните домови.