Протести во Кина против строгите ковид-рестрикции откако во пожар загинаа 10 лица

Видеоснимки кои се проширија на социјалните мрежи во Кина покажуваат бран нови протести против ковид-рестрикциите откако во пожар во зграда во градот Урумчи починале 10 лица.

На снимките може да се види како демонстрантите се караат со полицијата, ги разбиваат бариерите и викаат „крај на ковид-карантинот“.

Новинарите на Би-Би-Си разговарале со локален жител на Урумчи кој сведочел дека луѓето кои живееле во зградата која се запалила биле оневозможени да го напуштат домот поради ковид-рестрикциите.

Градските власти првично ги отфрлија ваквите наводи, но потоа упатија јавно извинување додавајќи дека оние кои направиле пропуст ќе бидат казнети.

Урумчи, кој е центар на западната провинција Џинџианг, се наоѓа под строги рестрикции од почетокот на август.

Властите во Пекинг и понатаму водат политика на „нула-Ковид“ и покрај рекордниот број на заразени во земјата и растечкиот бес кај граѓаните.

Интернетот е силно цензуриран во Кина и речиси секое споменување на протестите во Урумчи се отстранувало од социјалните мрежи во текот на изминативе два дена.

Локалните медиуми информираа дека смртоносниот пожар, во кој беа повредени дополнителни 9 лица, најверојатно избувнал поради неисправен продолжен кабел. Корисници на социјалните мрежи пак пишувале дека пожарникарите биле спречени да интервенираат поради ковид-рестрикциите.

Протестите се ретки во Кина, иако во последниве неколку недели расте јавното незадоволство поради кинеската политика за справување со коронавирусот.

Кина е една од последните земји во светот која се обидува да го спречи ширењето на вирусот на овој начин, а тоа го прави пред се` поради ниското ниво на вакцинација и потребата да се заштити постарата популација во земјата.