Кинезите масовно пребаруваат туристички дестинации откако власта најави отворање на границите

Жителите на Кина побрзаа да резервираат патувања надвор од земјата откако властите во Пекинг најавија дека следниот месец повторно ќе ги отворат границите по укинувањето на строгите карантини.

Од Агенцијата за имиграција соопштија дека аплицирањето за пасоши за оние кои сакаат да патуваат во странство ќе продолжи од 8 јануари, најава која следи откако Владата одлучи да стави крај на речиси тригодишниот строг карантин за сите патници кои влегуваат во земјата, пренесува Би-Би-Си.

Во меѓувреме туристичките и транспортните сајтови регистрираат огромен пораст на сообраќајот. Само половина час по најавата за отворање на границите податоците на туристичкиот сајт „Trip.com“ покажале дека пребарувањата за популарните туристички дестинации се искачиле десеткратно. Меѓу најпопуларните места кои биле пребарувани се Макао, Хонгконг, Јапонија, Тајланд и Јужна Кореа.

Истовремено, кинеската туристичка агенција „Кунар“ информираше дека пребарувањата за летови на нивниот вебсајт пораснал за седум пати во првите 15 минути по релаксирање на рестрикциите за патување.

Пред пандемијата бројот на туристи од Кина изнесувал 155 милиони во 2019 година според сајтот „Статиста“. Овој број паднал на само 20 милиони во 2020 година.

Сепак, кинеските туристи нема да имаат неограничен пристап до сите земји. Властите во САД размислуваат да воведат рестрикции на патници од Кина, поради загриженоста за растот на случаи на коронавирусот и недостатокот на транспаретност во информациите кои доаѓаат од оваа земја.

Јапонија, која е една од најпопуларните дестинации за кинеските патници, најави дека сите патници од Кина ќе мора да прикажат негативен ковид-тест при влез во земјата, или да влезат во карантин седум дена поради огромниот раст на случаи. Индија, пак, исто така најави дека на патниците од Кина ќе им се бара негативен тест, иако ова нивно соопштение беше објавено уште пред кинеските власти да ги укинат рестрикциите.

Оваа година дел од кинезите се надеваат дека ќе можат да ги посетат своите семејства и блиските за време на кинеската нова година, која почнува на 22 јануари. Меѓутоа во самата земја има различни реакции.

„Среќна сум, но истворемено и немам зборови. Доколку го правиме ова отворање, тогаш зошто морав да страдам со секојдневни ковид-тестови и карантини целата година“, вели Рејчел Лиу, која живее во Шангај.

Многумина изразуваат и загриженост на социјалните мрежи околу отворање на границите додека инфекциите со коронавирусот се во силен раст.

„Зошто не можеме да почекаме да помине овој бран и да се отвориме? Здравствените работници веќе се истоштени, а старите лица нема да преживеат две инфекции во еден месец“, стои во еден од најпопуларните коментари на социјалната мрежа Веибо.

Опуштањето на транспортот во странство, што беше последен дел од строгата политика на „нула-ковид“ на Кина, доаѓа во време кога земјата се бори со нов голем бран на инфекции. Одлуката за релаксирање на мерките дојде по реткиот јавен револт и протести против претседателот Си Џинпинг во ноември, каде граѓаните низ земјата бараа укинување на строгите забрани поради вирусот.