Жена од Саудиска Арабија осудена на 34 години затвор бидејќи користела Твитер

Жена од Саудиска Арабаија, студентка на британскиот Универзитетот Лидс, која се вратила во својата земја на одмор е осудена на 34 години затвор затоа што имала профил на Твитер каде што следела и ретвитувала дисиденти и активисти.

Специјалниот суд за тероризам на Саудиска Арабија ја објави пресудата само неколку недели по посетата на американскиот претседател Џозеф Бајден на земјата, за која активистите за човекови права предупредија дека може да го охрабри кралството да ја засили репресијата против дисидентите и другите продемократски активисти.

Како што пишува Гардијан, случајот го означува најновиот пример како престолонаследникот Мохамед бин Салман ги таргетира корисниците на Твитер во неговата кампања на репресија, додека истовремено контролира голем индиректен удел во американската компанија за социјални медиуми преку саудискиот суверен Фонд за јавни инвестиции.

Салма ал-Шехаб, мајка на две деца, првично беше осудена на три години затвор за „злосторство“ што подразбира користење на интернет страница за „предизвикување јавен немир и дестабилизирање на граѓанската и националната безбедност“.

Но, апелациониот суд сега донесе нова пресуда, според која таа е осудена на 34 години затвор, бидејќи јавниот обвинител побара од судот „да ги земе предвид и другите наводни кривични дела“.

Според преводите на судските документи, до кои Гардијан имаше пристап, новите обвиненија вклучуваат наводи дека Шехаб „им помагала на оние кои сакаат да предизвикаат јавен немир и да ја дестабилизираат граѓанската и националната безбедност следејќи ги нивните профили на Твитер“ и ретвитувајќи ги нивните твитови.

Шехаб не е меѓу водечките или особено активните саудиски активисти, ниту во самото кралство ниту во Велика Британија.

На нејзиниот Твитер профил имала 2.597 следбеници.