[Обновено] Рускиот опозиционер Навални доби нови 9 години затвор

Најпознатиот руски опозиционер, Алексеј Навални, доби 9-годишна затворска казна во судски процес за измама, кој според неговите соработници е наместен.

Навални веќе се наоѓа во затвор, каде отслужува три и пол годишна затворска казна по неговото враќање во Русија минатата година, откако преживеа труење за кое ги обвинува властите во Кремљ.

„9 години. Како што ликовите од мојата омилена ТВ серија „Жицата“ знаеја да кажат: Отслужуваш само два дена – денот кога влегуваш и денот кога излегуваш. Дури имав и маичка со тој слоган, но затворските власти ми ја одзедоа со образложение дека натписот е екстремистички“, напиша Навални на Твитер по пресудата.

Обвинителите бараа 13 годишна затворска казна поради измама и навредување на судот. Според обвинението тој се товари дека украл 4,7 милиони долари во донации кои биле давани на неговите политички организации, кои сега се забранети, пренесе Би-Би-Си.

Судијката Маргарита Котова, при изрекување на пресудата кажа дека Навални „направил кражба на имот преку организирана група“.

Судењето беше карактеризирано како срамно од Амнести Интернешнал, а германскиот канцелар Олаф Шолц ја осуди новата пресуда нарекувајќи ја неповрзана со владеење на правото.

„Додека вниманието на светот е фокусирано на Украина во Русија веќе се случува уште еден монструозен криминал. Овде не станува збор само за слободата на Навални туку и за неговиот живот, бидејќи неговите прогонители сакаат да го убијат“, изјави портпаролката на Навални, Кира Јармиш.

Навални беше на лекување во Берлин во август 2020 година, откако преживеа труење со нервен отров. Руските власти отфрлаат било каква вмешаност во труењето.