Рускиот опозиционер Навални основаше работнички синдикат во затворот каде моментално издржува казна

Затворениот руски опозиционер и отворен критичар на Кремљ, Алексеј Навални основал синдикат во затворот каде што моментално издржува затворска казна, јавува Радио Слободна Европа.

На 11 август, Навални на Твитер напиша дека синдикатот што го основал се вика „Промзона“, односно индустриска зона. „Промзона“ е официјалното име за делови од казнените колонии во многу поранешни советски земји каде што се наоѓаат фабрики и погони.

Навални рече дека синдикатот, кој моментално само има еден член, односно тој самиот, е основан поради експлоатацијата на околу 600.000 луѓе во руските затвори, додавајќи дека тој, исто така, со задоволство би ги застапувал интересите на чуварите доколку тие сакаат.

„Воглавно, ако животот ми даде лимон во форма на затворска казна, тогаш морам да го претворам во лимонада од барем некои активности корисни за општеството“, рече Навални.

Според него, другите затвореници биле позагрижени од затворските чувари поради создавањето на синдикатот. „Секогаш кога зборувам за тоа, моите колеги убијци тажно велат ‘Алексеј, престани, те молам. Поради тебе никогаш нема да нè пуштат и сето ова ќе заврши лошо’“, рече Навални и објасни дека затоа неговиот синдикат има само еден член.

Во меѓувреме, опозиционерот додаде дека неговиот синдикат веќе издвојувал некои победи, наведувајќи дека управата на казнената колонија обезбедила соодветни столчиња за затворениците кои седат на машините за шиење.

Навални беше уапсен во јануари минатата година, откако се врати во Москва од Германија, каде што се лечеше од труење со нервен агенс од советски тип, како што соопштија европски лаборатории.

Потоа беше осуден на две и пол години затвор поради кршење на условната казна, додека се лекуваше во странство. Многумина сметаат дека пресудата е политички мотивирана.

Во март, Навални беше осуден на девет години затвор за проневера и непочитување на судот, кои тој и неговите поддржувачи постојано ги отфрлаа како политички мотивирани.

Во јуни беше префрлен во казнена колонија во градот Мелехева во Владимирската област, откако Градскиот суд во Москва ја отфрли неговата жалба против деветгодишната затворска казна.

Навални сè уште може да користи Твитер и други социјални мрежи преку своите претставници.