Полицаец од Битола осуден на една година затвор поради малтретирање Ром

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) информирашe дека Основниот кривичен суд Скопје донел првостепена пресуда со која полицискиот службеник Г.П. вработен во СВР Битола се осудил на казна затвор од една година за делото Малтретирање во вршење на службата за случајот од 21 септември минатата година.

Тие објаснуваат дека од изведените вербални и материјални докази во текот на доказната постапка, судот неспорно утврдил дека  обвинетиот како полициски службеник го малтретирал оштетениот Н.Ј. и постапил на начин на кој се понижува човечкото достоинство и човечката личност.

„Судот утврдил дека на 21.09.2020 година околу 01 часот на ул. Никола Тесла во Битола, обвинетиот како службено лице-униформиран полициски службеник во вршење на службата го малтретирал оштетениот Н.Ј на начин што при обезбедување на лице место по случена сообраќајна незгода откако спрема оштетениот употребил полуга на левата и десната рака, го совладал и турнал на земјата и додека оштетениот бил легнат на земјата обвинетиот го удирал со клоци и тупаници по телото во пределот на главата, по рацете, нозете и грбот со што употребил прекумерна сила и спрема оштетениот постапил на начин на кој се понижува човечкото достоинство и човечката личност“, соопштија од МЗМП

Во постапката биле одржани осум рочишта каде биле сослушани сведоци на оштетениот, доктор по општа медицина, како и сведоци на одбраната.

Дополнително, биле изведени и повеќе докази меѓу кои и видео материјал од кој судот неспорно утврдил дека веднаш откако бил употребен зафатот од обвинетиот за совладување на ошететениот и тој бил совладан и соборен на земја, полицаецот продолжил да го удира со тупаници и клоци по телото и главата, додека тој лежел на земјата,

„И покрај тоа што одбраната се повикува на агресивното однесување на оштетениот спрема полициските службеници, судот ги отфрлил ваквите наводи со образложение дека ‘околноста дека оштетениот во критичниот момент бил под дејство на алкохол и агресивно се однесувал за што се води и кривична постапка против него за кривично дело од член 383 од КЗ не претставува оправдување за преземените дејствија од страна на обвинетиот и не претставуваат основ за ослободување на обвинетиот од кривична одговорност, кога истиот и покрај тоа што оштетениот бил совладан и соборен на земјата, продолжил да го клоца по телото и главата повеќе пати и со тоа применувајќи прекумерна сила’“, додаваат од МЗМП.

Од здружението ја поздравија одлуката на судот, особено имајќи ја предвид, како што велат, неприкосновеноста на индивидуалната слобода, односно дека при одмерување на казната судот особено ги зел предвид повредата на заштитеното добро на оштетениот, а тоа се слободите и правата на општетениот како и зачестеноста на ваквиот вид кривични дела како отежнувачки околности.

„Истакнуваме дека оваа пресуда е од енормно значење поради тоа што е меѓу првите првостепени пресуди каде се изрекува ефективна казна затвор за полициски службеник поради употреба на прекумерна сила кон оштетено лице за кривичното дело Малтретирање во вршење на службата, член 143 од Кривичниот законик. Досегашна судска пракса е изрекување на условна осуда за полициски службеници дури кога е утврдена употреба на прекумерна сила при пречекорувањето на полициските овластувања“, додаваат од МЗМП.

Инаку, неколку дена по случајот, беше поднесена кривична пријава како и постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и суспензија од работното место за полицаецот поради употреба на несрасмерзна сила.

Кривична пријава и суспензија за полицаецот кој претепа Ром