Кривична пријава и суспензија за полицаецот кој претепа Ром

Кривична пријава, постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и суспензија од работното место доби полицискиот службеник кој пред три дена употреби несразмерна сила врз битолчанец од ромската заедница, соопшти денеска на прес-конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

„Одделот за внатрешна контрола во МВР до основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, одделение за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања, поднесе кривична пријава против П.Г. полициски службеник вработен во СВР Битола, поради основано сомнение дека сторил кривично дело, малтретирање во вршење на служба, предвидено во член 143 од кривичниот законик, поради неоснована употреба на физичка сила врз Ј.Н. од Битола“, изјави Спасовски.

Дополнително, од работното место суспендирано е и лицето К.Г., а дополнително против него е поведена и дисциплинска постапка, посочи Спасовски, додавајќи дека тој непосредно бил присутен на местото на настанот и не преземал никакви мерки за спречување на неосноватана употреба на физичка сила.

Министерот посочи дека не се работи за напад по било каква етничка основа.

„Едноставно имате полициски службеници кои тоа го прават и не смеат да го прават. Ги злоупотребуваат службените овластувања и за мене е подеднакво важно да биде расчистен целосно случајот. Дали е тоа напад на Македонец, Албанец, Ром, Србин, Влав, Бошњак, било кој, или е некој граѓанин кој случајно се наоѓа на територијата на Северна Македонија, не смее во ниту еден момент да се злоупотребуваат полициските овластувања, освен ако немаме исполнетост на условите за примена на таквите полициски овластувања. Не може да стане збор дека ова е насочена кон било каква етничка припадност, меѓутоа јас го осудувам насилството, без разлика спрема кого е тоа насилство остварено“, рече Спасовски.

Пред три дена, иницијативата „Аваја“ преку Фејсбук објави снимка на која се гледа силата која ја употребуваат полициските службеници врз граѓаните. Оттаму соопштија дека ќе го застапуваат случајот, но најавија и протест.

„Ужаснати сме од видеото кое се најде на социјалните мрежи каде се гледа полициска бруталност врз лица од ромската етничка заедница. Бараме секторот за внатрешна контрола при Министерство за внатрешни работи да го испита случајот и да ги санкционира сторителите“, повикаа од Аваја.

За ваквиот случај, стигнаа реакции и од Хелсиншкиот комитет кои побараа најстроги казни за полицајците. Остра осудаза насилството и непрофесионалното однесување стигна и од Фондацијата Отворено Општество – Македонија.

Хелсиншки комитет бара најстроги казни за полицајците кои претепаа Роми во Битола, од Аваја најавија протест