Полицијата открила 60 неправилности кај автобуси кои превезуваат ученици

Министерството за внатрешни работи (МВР) информира дека вчера биле изречени 60 санкции за автобуси кои вршат превоз на ученици.

Во спроведената контрола од 12 до 16 часот на возила што вршат јавен превоз на ученици полицијата констатирала едно кривично дело за возење без лиценца, како и дополнителни 60 сообраќајни прекршоци. Од нив четири биле за возење без возачка дозвола, додека 21 возило било упатено на вонреден технички преглед.

Од МВР велат дека целта на акцијата била зголемување на безбедноста на учениците од дома до училиште и од училиште кон дома и додаваат дека ваквите засилени акциски контроли ќе продолжат и во наредните денови.

„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, посочуваат од МВР.