„Etransport.mtc.gov.mk“ – јавен веб портал за контрола на лиценците на превозниците на патници

Mинистерот за транспорт и врски, Благој Бочвaрски, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, директорката на Царинската управа, Славица Кутиров и директорот на Државниот транспортен инспекторат, Гајур Рушити, денес го презентираа новиот јавен сервис http://etransport.mtc.gov.mk.

Според надлежните, преку јавниот сервис, сите граѓани во реално време ќе може да ги проверуваат превозниците во патниот сообраќај дали поседуваат лиценци и сите неправилности да ги пријавуваат до надлежните органи.

Проверката се однесува само за превозниците кои вршат превоз на патници во меѓуопштинскиот и меѓународниот сообраќај. Пребарувањето и контролата може да се изврши преку впишување на името на компанијата или по бројот на регистарски таблички.

„Граѓаните заедно со државните институции ќе можат да бидат рамноправен контролор на терен. Ова го правиме за да го подобриме системот на контрола и да овозможиме подобар, побрз и поефикасен транспорт. Заеднички ја изработивме веб платформата etransport.mtc.gov.mk, за да го подигнеме нивото на услуги за граѓаните и да се избориме против оние кои се дрзнуваат да фалисфикуваат документите. Превозот мора да биде на виско ниво”, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Институциите ги потпишаа и договорите за соработка со што се овозможува меѓусебна размена на податоци како една значајна системска мерка за поефикасна контрола во патничкиот и товарниот транспорт.

„Со овој електронски пристап Државниот инспекторат за транспорт ќе добие една многу важна алатка која ќе придонесе за поефикасно, подобро и поквалитетно вршење на инспекцискиот надзор, при што инспекциските надзори ќе бидат со пократко време на траење на цела територија на државата. Едноставно со овој договор граѓаните ќе бидат поинформирани и нема да се чека на контролните пунктови за тоа дали превозниците поседуваат или не поседуваат соодветни лиценци за вршење н превоз на патници и стока“, изјави директорот на Државниот инспекторат за транспорт, Гајур Рушити.

Во текот на годината, Царинската управа во соработка со МВР работела на надградба на системите на двете институции и нивно поврзување преку платформата за интероперабилност.

Оттаму, креирани се нови сервиси кои на царинските службеници на граничните премини им овозможуваат во реално време да вршат проверка на веродостојноста на приложените документи, односно на изводот од лиценца за возилата и сертификатите на возачите, дирекно во базите на податоци во системите на Министерството за транспорт и врски.