Петмина уапсени поради бунт во Хонг Конг за детска книга каде овци се опкружени со волци

Пет лица од Хонг Конг кои се автори на серијалот детски книги за овца која се обидува да се спротивстави на волците во нејзиното село се уапсени за поттикнување на бунт.

Приведувањата од новата полиција за национална безбедност, која има задача да го спречи јавното изразување незадоволство во земјата, е последен чекор во серијата на активности против про-демократските активисти по масовните протести кои се случуваа во градот пред две години.

Полицијата соопшти дека два мажи и три жени на возраст меѓу 25 и 28 години извршиле „заговор да испечатат, дистрибуираат и изложат бунтовнички публикации“.

„Групата имала цел да поттикне јавна омраза, особено кај помладата популација, кон владата и судството на Хонг Конг и да предизвика насилни и нелегални дејствија“, соопштиле од полицијата.

Уапсените биле дел од Синдикатот за логопеди на Хонг Конг. Последниве месеци овој Синдикат објави три илустрирани електронски книги кои го објаснуваат демократското движење во Хонг Конг на децата. Про-демократските приврзаници се прикажани како овца која живее во село опколено од волци.

Во првата книга се објаснети протестите од 2019 година, додека во втората книга чистачите во селото започнуваат штрајк за да ги избркаат волците кои фрлаат ѓубре насекаде, што асоцира на штрајкот на медицинските работници од минатата година за да се затвори границата со Кина на стартот на пандемијата со Ковид-19.

Последната книга е за група овци кои го напуштаат селото на брод поради волците. Ова, пак, е директна референца на неуспешниот обид на 12 луѓе од Хонг Конг да пребегнат во Тајван минатата година откако беа уапсени и затворени од кинеските крајбрежни патроли.

Бунтувањето е кривично дело од колонијализмот и до минатата година не беше воопшто користено во Хонг Конг од 1997 година и воспоставувањето на кинеската власт во градот. Според законот пропишана е казна затвор до две години за прво такво дело.

Ова дело сега често се користи од полицијата и обвинителството по воспоставувањето на законот за национална безбедност кој требаше да го спречи слободниот политички говор во земјата.