Иранките ги палат хиџабите на масовните протести за смртта на Махша Амини

Низ Иран веќе неколку денови се одржуваат големи протести поради смртта на Махша Амини, 22 годишната жена која почина откако беше притворена во Техеран од „полицијата за морал“ поради „несоодветно облекување“.

На видеоснимки од протестите може да се види како жени ги палат хиџабите, шамиите со кои ја прекриваат главата во јавност, додека дел од демонстрантите во знак на протест извикуваа „Смрт за диктаторот“ и физички се пресметуваат со полицијата.

Протестите кои траат веќе пет дена и претставуваат моќен израз на револт против иранските закони со кои е неопходно „соодветно облекување“ на жените во јавност, правила воведени уште од Исламската револуција во 1979 година. Вакви масовни протести во Иран не се забележани од 2019 година, кога граѓаните протестираа за растот на цените на горивото.

Според невладините организации, на протестите досега се убиени најмалку седум лица.

Иран последново деноноќие го ограничила пристапот до социјалните мрежи Инстаграм и ВатсАп по протестите, покажуваат податоци на организацијата „НетБлок“, која мониторира прекини на интернетот низ светот.

Истовремено биле регистрирани и големи прекини на интернет пристапот низ земјата, што оневозможило милиони Иранци да се приклучат на интернет.

Обединетите Нации веќе побараа независна истрага за смртта на Махша Амини во притвор на „полиција на моралноста“, иако иранските власти ги отфрлија наводите дека таа била тепана или мачена.

„Трагичната смрт на Махша Амини и обвиненијата за тортура и злоупотреба мора веднаш, независно и ефективно да се истражи од независно тело“, изјави Нада Ал-Нашиф, високата комесарка на ОН за човекови права.

Нејзината смрт предизвика масовни протести низ Иран, во кои демонстрантите извикуваат слогани против власта и се судираат со полицијата. Тие бараат истрага во смртта на 22-годишната жена и расформирање на „полицијата на моралноста“ која е позната како „Гашт-е Ершад“.

Според ОН иранската „морална полиција“ ги проширила своите патроли последниве месеци и таргетира жени поради несоодветно носење на хиџаб.