Најмалку 100 демонстранти во Иран се соочуваат со смртна казна, алармираат активистите

Најмалку 100 луѓе кои учествувале на протестите во Иран се соочуваат со смртна казна, велат од организацијата „Ирански човекови права“.

Активистите алармираат дека меѓу овие 100 демонстранти има и тинејџери како и две 22-годишни жени. Тие се наоѓаат во ризик да бидат погубени поради учество на демонстрациите предизвикани од смртта на Махша Амини во септември.

Организацијата предупредува дека вистинската бројка на демонстранти веројатно е многу поголема и дека најголемиот дел од нивните семејствата се под притисок да молчат за судбината на нивните најблиски.

Најголемиот број од оние кои се соочуваат со смртна казна се обвинети за Ефсад-фил-арз, што значи „корупција на земјата“. Станува збор за термин кој нема точна дефиниција и иранските судови често го користат за да оправдаат смртни казни.

Активистите алармираа и дека притворените жени се силувани и сексуално напаѓани од безбедносните служби во притворските центри низ Иран, а дел од нив по ослободувањето извршуваат самоубиство.

„И покрај тоа што поминаа повеќе од 100 дена по почетокот на националните протести, стотици убиени, илјадници уапсени и погубувани демонстранти, народниот бунт за вистинска промена и остварување на основните права продолжува“, вели директорот на „Ирански човекови права“, Махмуд Амири Мохадам.

Иран веќе четврти месец е зафатен од најголемите анти-владини протести во поновата историја на земјата. Протестите започнаа на 16 септември по смртта на 22-годишната Махша Амини, која беше уапсена од полицијата за моралност поради наводно неносење на задолжителната шамија преку главата на соодветен начин.

Сепак протестите потоа прераснаа во многу поголем предизвик за иранската власт, која има многу ниска популарност кај огромен дел од населението.

Според „Ирански човекови права“ досега се убиени најмалку 476 учесници на протестите од безбедносните сили на Иран, а помеѓу нив имало и 64 малолетници.

„Нема враќање назад“ – 100 дена протести во Иран