Масовни протести во Иран, безбедносните сили пукале врз демонстрантите

Во Иран се одржаа едни од најмасовните протести откако започнаа анти-владините демонстрации пред шест недели.

Десетици илјади граѓани излегоа на улиците во големите градови низ земјата, а протести се одржаа и низ другите места каде претходниов период незадоволството беше спласнато.

Ескалацијата следеше откако демонстрантите го одбележаа 40-тиот ден од смртта на Махша Амини, 22-годишна девојка која почина додека се наоѓала во притвор откако била уапсена од „полицијата за моралност“ поради кршење на правилата за носење хиџаб.

Според невладината организација Ирански човекови права, безбедносните сили употребиле солзавец и пукале со оружје кон демонстрантите на Плоштадот Зиндан во градот Секез, родниот град на Амини. Засега не е познато дали по судирите во градот има жртви.

Граѓаните се упатиле кон местото каде е погребана Амини и покрај предупредувањето од безбедносните сили кон нејзиното семејство да не одржуваат никаква церемонија.

Во главниот град Техеран, на улиците беа палени огнови, додека стотици маршираа низ централната улица извикувајќи слогани како „Смрт на диктаторот“, алудирајќи на врховниот лидер на Иран, Али Хаменеи.

Ирански човекови права информираше дека досега безбедносните сили во сузбивањето на протестите убиле 234 демонстранти, меѓу кои и 29 малолетници.