[Видео] Граѓаните се судрија со обезбедувањето на протест поради новиот ГУП на Нови Сад

Граѓаните и обезбедувањето на Парламентот на Војводина се судрија во Нови Сад на протест против усвојувањето на Генералниот урбанистички план (ГУП).

До судирот дошло откако собраните граѓани се обиделе да ја пробијат оградата поставена утрово, пред одржувањето на седницата на градскиот парламент, на која се очекува да биде изгласан Генералниот урбанистички град на Нови Сад.

На лице место излегла и полицијата, а Телевизија Н1 информира дека меѓу демонстрантите има и приведени. На видеоснимките може да се види како обезбедувањето на парламентот ги турка граѓаните, меѓу кои и повозрасна жена падната на земја.

Граѓаните извикувале „Наш град!“ и „Крадци, крадци“, а дел од луѓето се обраќале кон полицијата со прашања зошто се против народот и кој ги плаќа.

Како што било наведено на собирот, демонстрантите барале еден нивни претставник да влезе на седницата и да ги презентира нивните ставови.

На протестот, покрај граѓани, учествуваат и активисти и политичари.

Радомир Лазовиќ од движењето „Не давимо Београд“ рекол за Н1 дека граѓаните поднеле повеќе од 12.000 забелешки на ГУП-от за Нови Сад, од кои ниту една не била усвоена.

Од движењето тврдат дека предложениот ГУП е документ без никаква развојна визија на Нови Сад, кој им излегува во пресрет на инвеститорите, а на штета на граѓаните водејќи се од идејата за „инвеститорски урбанизам“.