Едночасовни блокади во неколку градови во Србија против рудникот за литиум

Еколошки активисти и граѓани денеска блокираа сообраќајници во неколку градови во Србија, вклучително и меѓународниот автопат во Белград и Нови Сад, поради намерата на меѓународната рударска компанија Рио Тинто да отвори рудник за литиум во Западна Србија. Блокадата на меѓународниот автопат траеше од 13 до 14 часот, јавува „Радио Слободна Европа“.

Како што јави репортерот на РСЕ од Нови Сад, во градот бил блокиран дел од автопатот во двата правци, што предизвикало долги колони на возила. Насобраните демонстранти носеа транспаренти со порака „Рио Тинто мрш од Србија“.

Блокади беа организирани и во Ужице, Лозница и Прелиња кај Чачак. Основното барање на демонстрантите е заминување на компанијата Рио Тинто од Србија. Еколошките организации се загрижени дека експлоатацијата на рудата „јадарит“ може да ја загрози животната средина.

Српската премиерка Ана Брнабиќ пред протестот изјави дека српската влада е блиску до одлука да ги исполни сите барања во врска со забраната за ископ на литиум во Србија.

Таа исто така наведе дека е потребно да се процени колкави би биле долговите на Србија доколку се забрани отворањето на рудникот на компанијата Рио Тинто.

Досега во неколку наврати беа организирани блокади на патиштата низ Србија со кои се бараше повлекување на Рио Тинто.