Италијански еко-активисти се залепија за слика на Ботичели

Италијански еко-активисти ги залепија своите дланки на заштитното стакло на ликовно дело од Сандро Ботичели, претставено во Галеријата Уфици во Фиренца, пренесува „Евроњуз“.

Од Галеријата истакнале дека поради заштитното стакло, ликовното дело „Примавера“, исто познато и како „Пролет“ не било оштетено.

Делото „Пролет“, заедно со познатата слика „Раѓањето на Венера“ се дела на Ботичели, изработени за време на Ренесансата во 15 век, а важат за едни од најпопуларните дела во Уфици.

Од италијанската полиција нагласиле дека две млади лица, девојка и момче, купиле билети и направиле протестен чин во просторот посветен на Ботичели.

Активистите седнале на подот и истакнале парола на која пишувало „Последна генерација, не за гас и не за јаглен“, дополниле оттаму.

„Денес, дали е возможно да се види ваква убава пролет?“, изјавиле активистите за локалните медиуми.

Активистите биле однесени во полициска станица во Фиренца. Италијанските медиуми објавуваат дека на нив им била издадена официјална тригодишна забрана за влез во градот, стратегија која се користи и врз насилните спортски навивачи.