Протестни блокади во неколку градови во Србија против законите за референдум и експропријација

Демонстранти во неколку градови во Србија денеска во 14 часот блокираа патишта и мостови во времетраење од еден час. Протестната акција ја организираа повеќе невладини организации во знак на протест против Законот за референдум и Законот за експропријација кои беа усвоени од Собранието, јавува „Радио Слободна Европа“.

Организаторите на протестите сметаат дека овие закони претставуваат удар врз приватната сопственост на граѓаните, како и во корист на приватните компании, како Рио Тинто, која планира да отвори рудник за експлоатација на литиум во западниот дел на земјата. Властите пак за овој проект најавија референдум.

Еколошките активисти сметаат дека е проблематична предложената одредба со која се овозможува постапките поврзани со експропријација на земјиштата, односно одземање на приватната сопственост поради проекти од јавен интерес, да се спроведат по итна постапка во рок од пет плус три дена.

Исто така, проблематично го сметаат и укинувањето на цензусот од 50 отсто од запишаните гласачи на референдумот.

Па така, демонстранти во попладневните часови се собраа пред Собранието на Србија. Претходно, сообраќајот во Белград беше блокиран на неколку локации, а цело време беа присутни силни полициски сили.

Истовремено, демонстранти се собраа и на мостот „Дуга“ во Нови Сад, како и на раскрсница во центарот на градот. Во меѓувреме дојде и до турканици со полицијата која се обиде да ја спречи блокадата, а беа уапсени неколку демонстранти.

Слична акција беше организирана и во Зрењанин каде исто така имаше апсења. Блокади се организирани и во неколку други градови во земјата.

Премиерката Ана Брнабиќ на 23 ноември изјави дека измените во законот немаат врска со Рио Тинто, наведувајќи дека компанијата веќе го купила целото потребно земјиште од луѓето и дека не постои ниту една парцела која треба да се експроприра.

Таа додаде дека ваков закон за експропријација се носи со цел да се забрзаат инфраструктурните работи, особено кога пречка на патот е некој нелегален објект. Кога станува збор за Законот за референдум, Брнабиќ рече дека тој е во согласност со Уставот од 2006 година.