Србија ги „замрзна“ плановите за изградба на рудници за литиум

Локалните власти во западна Србија ги „замрзнаа“ плановите за изградба на рудник за литиум по протестите за зачувување на природата, пренесува „Euronews“.

Рударскиот гигант „Рио Тинто“ се очекуваше да започне со работа во скоро време, но градскиот совет во Лозница изгласа стопирање на планот за регионален развој преку кој се дозволуваше ископувањето на литиум.

Вчерашното гласање се случи откако српскиот Парламент отфрли два клучни закони, за кои екологистите сметаа дека го дозволуваат отпочнувањето на проектот.

Три последователни викенда, илјадници протестирачи излегоа на улиците во Белград и ги блокираа главните патишта и мостови за да го искажат своето незадоволство.

„Дали ќе има рудник највеќе зависи од луѓето во западна Србија, како и од истражувањата за влијанието врз околината“, изјавила српската премиерка Ана Брнабиќ.

Иако од „Рио Тинто“ изјавиле дека ќе се придржуваат до најсовремените стандарди за заштита на околината, протестирачите сметаат дека ископувањето на литиумот може да предизвика трајно загадување.

Откако се „замрзнаа“ плановите за рудникот, претседателот Вучиќ изјави дека Србија ќе го промени начинот на комуникација со „Рио Тинто“ и другите инвеститори.

Стара скоро 150 години, компанијата „Рио Тинто“ се соочила со обвиненија за корупција, загадување на околината, како и прекршување на правата на работниците.

Литиумот, кој се користи за производство на батерии за електрични автомобили, се смета за еден од најбараните метали во време кога светот бара одржливи енергетски ресурси.