Само медиумски писмени млади се имуни на манипулации и дезинформации

Околу 75% од младите сметаат дека можат да проценат дали одредена содржина е точна или не, додека 48% од нив тоа го прават само понекогаш, a 46% од нив редовно проверуваат одредени информации преку повеќе медиуми. Дополнително, огромен дел од младите или 82% се информираат преку социјалните мрежи.

Ова се дел од резултатите од Инстаграм анкетата на Радио МОФ за медиумска писменост наменета за младите.

Дезинформациите и лажните вести станаа важна тема во последниот период во јавноста поради нивното зголемено присуство, а експертите сметаат дека медиумската писменост е главното „оружје“ против нив.

Според комуникологот Сеад Џигал, медиумската писменост значи правилно разбирање на пораките и содржините од медиумите, вештини да се креираат пораки за медиумите, но и способност читателите да се заштитат од негативното влијание на медиумите.

Џигал вели дека сѐ поголем број содржини во медиумите имаат манипулативни побуди, додавајќи дека затоа е важно читателите да се заштитат од манипулации во форма на дезинформирање, изложеност на негативна комуникација, како говор на омраза и дискриминација.

Дополнително, тука ги вбројува и кражбата на лични податоци, лажно рекламирање, онлајн измами, финансиски криминал преку интернет и друго.

„Во потесна смисла, најважно е да сме доволно едуцирани и способни да ги препознаеме манипулациите, да знаеме да филтрираме вистински од лажни информации, и да можеме успешно да ги најдеме вистинските информации во тој огромен океан од информации кои ни се достапни“, вели Џигал.

Комуникологот објаснува дека секоја информација треба да има неколку основни одлики за да се прифати како веродостојна.

„Дали медиумот кој ја објавува е професионален медиум кој ги следи стручните и етичките стандарди, дали има валидни извори на информациите, односно кој ги наведува клучните информации во веста… Исто така, важно е дали веста е непристрасна, односно дали во неа се вклучени сите или поголемиот дел од засегнатите страни од некој настан или вест. Веста, па и фактите во неа, не смеат да бидат само од една страна, затоа што тоа може да нѐ наведе на погрешни заклучоци“, додава Џигал.

Во меѓувреме пак, посочува дека за читателите да го проверат изворот на информации, најлесно е тоа да го направат со споредување на некоја вест со други медиуми и автори, и да увидат дали има разлики.

„Доколку има разлики за тоа како се информира за еден ист настан, тогаш треба внимателно да се соберат повеќе информации за самиот контекст на веста и на настаните. Исто така, треба да се провери кредибилитетот на изворот на информации, односно дали е тој стручен, искусен, компетентен, и дали можеби има некои негативни пријави или проблеми од минатото кои би ни сигнализирале дека станува збор за извор со своја манипулативна агенда и намери“, смета Џигал.

Новинарката Ирена Каревска објаснува дека во денешното море од (дез)информации со бројни знајни и незнајни портали, социјални мрежи и платформи, тешко е да се препознае и разбере што е кредибилна вест и кој, зошто и како ја пласира во јавноста.

„Кога се чита една вест прво нешто што читателот може да го направи е да се осигура во кредибилитетот на информацијата каде е објавена веста. Дали текстот има автор и дали позадината на веста е јавно објавена. Доколку ги исполнува овие услови најверојатно се работи за професионален медиум“, објаснува Каревска.

Но, додава дека тоа не е пресудно за точноста на информацијата, но веќе најавува дека доколку медиумот „нема што да крие“ и неговата позадина е јавно објавена, тогаш најверојатно, како што вели, станува збор за професионален медиум.

„Читајте и медиумски содржини со кои можеби и не се согласувате. Не конзумирајте само содржини кои ги афирмираат вашите гледишта, ставови и вредности. Проширете ги видиците и од другата страна“, порачува Каревска.

Анкетата на Радио МОФ покажа и дека само 3% од младите имаат доверба во македонските медиуми, 46% имаат до некој степен доверба, додека 42% од нив немаат воопшто доверба или 9% од нив до некој степен немаат доверба.

Комуникологот Џигал смета дека недовербата во медиумите за жал е во континуиран пораст во Македонија. И за Џигал, причината за ова пред сѐ е поради падот во професионалноста на медиумите, предизвикана од влошување на економските услови за ниво работење и негативните влијанија од политичките фактори.

„Врската и довербата помеѓу медиумите и публиката е нарушена затоа што сега кога најголем дел од медиумите повеќе се приклонети да ги штитат интересите на своите спонзори и финансиери, отколку интересот на граѓаните. За да опстанат на пазарот медиумите често пристрасно и непрофесионално информираат за настаните, и сѐ повеќе стануваат дел од т.н. таблоидно новинарство, кое преку различни техники се обидува да го привлече вниманието на публиката и да ѝ го наметне своето толкување на настаните“, објаснува Џигал.

„Со ваквиот начин на работа медиумите губат од својот углед и доверба во општеството, особено кај младите кои преку новите технолошки можности сѐ повеќе следат алтернативни извори за информирање, како што се социјалните мрежи, видео платформите, блоговите, форумите и слично“, додава тој.

Образованието уште од најрана возраст е клучно за зголемување на медиумската писменост, смета новинарката Каревска.

„Недостигот на формалното образование за медиумската писменост засега се пополнува и со неформални обуки од страна на невладини и медиумски организации кои за младите можат да бидат многу интересни, доколку се спроведат како што треба и со кои би знаеле како да разликуваат вести од пропаганда“, вели Каревска.

Џигал, исто така смета дека е многу важно овие теми квалитетно да им се приближат на младите и да бидат активни во усвојување на овие знаења и додава дека медиумската писменост е вклучена во некои предмети од основно и средно образование.

„Тие се многу важни за нивното образование, но и секојдневната комуникација и социјализација. Какви вести следиме, какви забавни содржини гледаме, на кои медиуми им веруваме, како го поминуваме своето слободно време, сето тоа многу влијае на развојот на младите и нивното вклучување во својата средина и општество“, смета Џигал.

Дополнително, Џигал вели дека младите треба да се поттикнат и мотивираат преку самоедукација да ја подобруваат и развиваат својата медиумска писменост, преку следење едукативни содржини во различни форми.

Марија Петреска

Овој производ е изработен во рамки на програмата за менторирање на млади новинари, како дел од проектот Fostering Youth activism through online media.