ОН: Податоците за човековите права во Македонија ќе се разгледуваат на 2 мај во Женева

ОН информира дека работната група на Универзалниот периодичен преглед (УПП) на Советот за човекови права на Обединетите нации (ОН) ќе ги разгледува по четврти пат податоците за состојбата на човековите права во Македонија, на состанокот кој ќе се оддржи на 2 мај 2024 во Женева и ќе се пренесува во живо.

Според ОН, земјава е една од 14-те држави кои треба да бидат прегледани од страна на работната група на УПП за време на претстојната седница што ќе се одржи од 29 април до 10 мај 2024 година. Првиот, вториот и третиот УПП преглед на Македонија беа одржани во мај 2009 година, јануари 2014 година, односно јануари 2019 година.

Работната група на УПП се состои од 47 земји-членки на Советот за човекови права, меѓутоа секоја од 193-те земји-членки на ОН може да учествува во прегледот на земјата.

„Документите врз кои се темелат прегледите се: 1) националениот извештај – информации обезбедени од страна на државата што се разгледува; 2) информации содржани во извештаите на независни експерти за човекови права и групи, познати како Специјални процедури, Договорни тела за човекови права и други ентитети на ОН; 3) информации обезбедени од други засегнати страни вклучувајќи ги националните институции за човекови права, регионалните организации и групите за граѓанско општество“, информираат претставниците на ОН од земјава.

Трите извештаи кои служат како основа за прегледот на Македонија на 2 мај може да се најдат тука.

Инаку, УПП е процес кој вклучува периодичен преглед на податоците за состојбата на човековите права во сите 193 Држави-членки на ОН. Од првиот состанок кој се одржа во април 2008 година, сите 193 Држави-членки на ОН беа разгледани три пати.

„Во текот на четвртиот УПП циклус, државите повторно се очекува да ги објаснат чекорите што ги презеле за да ги имплементираат препораките добиени за време на нивните претходни прегледи на чие следење се обврзале, како и да укажат на скорешните случувања во oбласта на човековите права во земјата“, велат тие.

Делегацијата на Македонија ќе биде предводена од Бујар Османи, Министер за надворешни работи.

Трите претставници на земјата кои служат како известувачи („тројка“) за прегледот на Македонија се: Албанија, Бенин и Финска.