„Љубов“ – самостојна изложба на Александра Мириќ во МКЦ

Во галеријата на МКЦ на 14 февруари (вторник) во 19:30 часот ќе биде отворена самостојната изложба на Александра Мириќ.

Мириќ е архитект-конзерватор. Валоризацијата на градителското наследство го проучувала на универзитетот во Прованса, Франција. Со докторат по архитектура се стекнала на универзитетот во Ниш, Србија, а со докторат по aрхеологија на универзитетот Лион 2 во Франција.

„Како самостоен истражувач е посветена на проучувањето, презентацијата и промоцијата на светското културно наследство и локалните традиции, добитник е на бројни награди за извонредни придонеси во развојот на науката и културата. Со самостојни изложби се претставила во Ниш (2010, 2015, 2018, 2019), Ќуприја (2018), Париз (2017), Скопје (2017) и учествувала во повеќе десетици групни изложби и меѓународни ликовни колонии“, стои во најавата за изложбата.

Нејзините слики се наоѓаат во приватни и јавни збирки во Србија и во странство. На единствениот српски ликовен конкурс посветен на надреализмот, „Во чест на Матиќ“, нејзината слика „Светците што маршираат“ е наградена во 2017 година со прва награда.

„Таа ги распоредува своите мотиви мислејќи со надреалистична сила, кокетирајќи со јасен, силен колорит, минималистички форми на мотиви кои ја раскажуваат приказната од јазикот на нејзините соништа, стилизирајки ги понекогаш до граница на знак. Разиграната позадина, со многу детали, сепак не доминира над централниот мотив кој ја раскажува нејзината приказна, водејќи нѐ низ нејзиниот чудесен свет, свет на нејзината имагинација и нејзиниот сон“, посочува кураторот Новак Новаковиќ, мастер прим. на уметност.