„Небото е сино“ – изложба на Лина Дамјан во МКЦ

Од 21 април, четврток, до 10 мај, во Младинскиот културен центар ќе биде поставена самостојната изложба „Небото е сино“ на Лина Дамјан.

Изложбата ќе се отвори на 21 април со почеток во 20 часот.

Изложбата го претставува небото во апстрактна форма, а преовладуваат сини тонови, од најтемни до најсветли, бела и црна боја.

„Оваа изложба е составена од дела слободни сами по себе. Во тоа подразбирам – големи формати, фантастичните, а луцидни форми, повторување, експериментирање со медиумите, па така и звучните и светлосните стимулации за време на поставката“, објаснува Дамјан.

Таа потенцира дека во фокус на изложбата е играта со тонови од една боја и светлина.

„Изложбата се состои од седум дела, видеопроекција, три дигитални слики, принтови и три платна од кои едното е диптих. Пластично и надреалистично претставување на небото во секое дело, со посебна синтетичност во дигиталните слики, но сепак со органски линии“, пишува уметницата.

Лина Дамјан е родена во 1997 година во Скопје. Во 2020 година завршува на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ, на катедрада за сликарство. Учествува на повеќе групни изложби во Македонија и надвор, а има реализирано две самостојни изложби ,, Пиктографија‘‘ и ,,Renaissance fragments‘‘.