„Македонска глаголица. Македонска кирилица“ – изложба на Лазе Трипков и Ласко Џуровски

Изложбата за плакати и фонтови од Лазе Трипков и Ласко Џуровски, под името „Македонска глаголица. Македонска кирилица“, ќе биде отворена во Младинскиот културен центар (МКЦ) на 28 февруари, понеделник, во 20 часот.

Организаторите објаснуваат дека изложбата се осврнува кон најзначајните столбови на македонскиот јазик и култура – глаголицата и кирилицата.

„Изложбата претставува празник, чествување на глаголицата и кирилицата. Првата – запретана во нашето далечно средновековие под бедемите на древниот Охрид, другата – жива, еластична, разиграна, готова да ги прегрне предизвиците на новото време“, велат тие.

Авторскиот проект на Лазе Трипков, „Македонска глаголица“ е модерна интерпретација на глаголицата.

Преку визуелен и графички обликуван концепт, проектот има цел да ѝ ги приближи на публиката функцијата и значењето на глаголицата, како и моќта на гласот сочинет во знакот, како еден колективен ликовен систем на изразување и идентификација на Словените.

Проектот „Македонска кирилица“ од Ласко Џуровски, претставен овде преку симболичната синтагма „По стапките на Кирил и Методиј“, кои, иако сесловенски и заеднички за сите Словени, со децении се присвојувани од страна на нашиот источен сосед – треба да ни укаже на проблемите и грешките што се појавуваат кај поголем број нестандардни фонтови при испишување на определени букви од македонската кирилица во италик.

„Овој избор на букви треба да ни посочи барем дел од проблемите и стапиците во кои паѓа македонската кирилица во услови на опкруженост од кирилските азбуки на другите словенски национални јазици. Авторот на овој дел од изложбата, г. Ласко Џуровски го има решението, но не и моќта за нејзино институционално решавање. Оттука и неговата, но и наша потреба, за свртување на вниманието на јавноста и на соодветните национални институции кон решавањето на овој проблем со кој се соочуваме сите Македонци и корисници на македонската кирилица во модернава дигитална ера“, велат организаторите.

Изложбата е авторски проект на Лазе Трипков и Ласко Џуровски, со поддршка на МКЦ како дел од официјалната програма за прослава на 50-годишнината од своето постоење.

Изложбата ќе биде поставена до 7 март.