ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија распиша награден конкурс за книжевни творби инспирирани од творештвото на Франц Кафка

По повод 100 години од физичкото заминување на Франц Кафка (1883-1924), ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија распишува награден конкурс за книжевни творби.

Како што информираат од Библиотеката, делата треба да бидат напишани на македонски јазик, во вид на расказ или есеј, а секој автор без возрасни ограничувања може да учествува со една творба на слободна тема, инспирирана од книжевните дела и/или животот на Кафка. 

Максимална должина на секоја од испратените творби треба да е  5 000 зборови.

Творбите треба да се потпишат со шифра, а на посебен лист да се пополни пријава за учество на конкурсот со следниве податоци: шифра, име и презиме, наслов на испратено дело, телефонски број, e-mail адреса и адреса на живеење.

Од таму велат дека пријавите за литературниот конкурс, најдоцна до 25-ти мај 2024 година треба да се испратат на bibliotekagevgelija@yahoo.com.

По завршувањето на конкурсот, Библиотеката ќе додели парични награди за трите најдобри творби.