Објавен конкурс за изработка на постер инспириран од хероите на италијанскиот стрип

Во пресрет на „Comics Day“ – Денот на италијанскиот стрип што ќе се одржи во октомври 2022 година, Амбасадата на Италија во Скопје во соработка со Институтот „Данте Алигиери“ од Скопје и Филмскиот Фестивал за млади „Џифони Македонија“ објави конкурс за изработка на постер инспириран од хероите на италијанскиот стрип, пренесува „Мета“.

„Иницијативата има за цел да го поттикне интересот на младите за италијанскиот стрип и да го обнови интересот за него во Северна Македонија и во другите земји од поранешна Југославија“, информираат од Амбасадата на Италија во Скопје.

Учеството на конкурсот кој е отворен до 30 јуни вклучува создавање уметнички постер на тема „Италијанскиот стрип“. На натпреварот може да се учествува во три категории, односно ученици од средните училишта во Северна Македонија, студенти на државните и приватните факултети на Северна Македонија и млади уметници – графички дизајнери, илустратори, стрип цртачи од Северна Македонија на возраст до 30 години.

Учеството е бесплатно, а содржината на постерот треба да соодветствува со темата на Конкурсот. Неопходно е да се подготви дигитална верзија на делото [мин. 200 dpi / CMYK / jpg / 700x1000mm / вертикално].

При испраќањето на делото, фајлот треба да се персонализира на следниов начин, Ime_Prezime_Uchilishte_NaslovNaPosterot.jpg., за првата категорија, Ime_Prezime_Fakultet_NaslovNaPosterot.jpg., за втората категорија) и Ime_Prezime_NaslovNaPosterot.jpg. за третата категорија.

Создадените дела треба да се испратат на мејл адресата ladante.skopje.arte.design@gmail.com, а мејлот да се наслови со „Italijanski strip_kategorijaX“, X – е бројот на категоријата 1, 2 или 3.