50 години МКЦ – Конкурс за визуелен идентитет и препознавање на јубилејот

Младинскиот културен центар (МКЦ) соопшти дека е отворен конкурс за избор на идејно-графичко решение за визуелно обликување на програмите и активностите на МКЦ во 2022 година, со цел создавање на визуелен идентитет и препознавање на јубилејот „50 години МКЦ“.

Оттаму додаваат дека конкурсот е отворен до 12 јануари, а и дека избраното решение ќе биде наградено со паричен износ од 50.000 денари.

„Главни елементи што треба да ги содржат понудените решенија се:

  • Графички распоред (layout) за најава на поединечните настани и административна коренсподенција
  • Идејно-графичко решение на лого „50 години МКЦ“:
    • Предложеното решение мора да е оригинално авторско дело т.е. да не содржи елементи од други авторства.
    • Логото да може да се имплементира и самостојнo и како дел од графички распоред (layout).
    • Логото може, но не мора во себе да го содржи логотипот што МКЦ го користи во сегашните претставувања.
    • „50 години МКЦ“ не е обврзувачки текст. Доколку понуденото решение содржи текст, истото мора да биде изведено во три јазични верзии (македонски, албански и англиски јазик).
  • Дефиниран избор на комбинација на бои;
  • Дефиниран уникоден фонт и/или група на комбинација на уникодни фонтови со кирилична поддршка;
  • Предложените решенија треба да овозможат континуиран графички манир за сите настани, објави и административни коренсподенции на МКЦ преку цела 2022 година“, стои во повикот на МКЦ.

Од МКЦ додаваат дека предлог-решенијата треба да се претстават како примери аплицирани на мокап-модели за постер за настан (вертикална ориентација) и билборд (хоризонтална ориентација), Фејсбук и Инстаграм слика, лајвстрим видеонастан (телоп/воден жиг), коверт и меморандум и дизајн на производ, пример маица, торба или шал.

Право на пријава на конкурсот имаат сите локални, македонски дизајнери, уметници и креативци, самостојно или здружено.

Повеќе информации за конкурсот може да најдете на следниов ЛИНК.