Отворен повик за учество во едукативно театарски проект „Кога ќе пораснам“

Детскиот Креативен Центар при МКЦ – Скопје објави отворен повик за учесници на возраст од 10 до 12 години во едукативно – театарскиот проект „Кога ќе пораснам“. Проектот ќе започне со реализација на 15 мај година и ќе трае 5 месеци.

Оттаму информираат дека предвидени се работилници за театар, едукативни предавања, креативно пишување, снимање/игра пред камера и изработка на едукативни видеа кои ќе бидат изработени на работилниците, а главни актери ќе бидат самите деца.

Од Детскиот Креативен Центар истакнуваат дека часовите и снимањата ќе се одвиваат секоја сабота од 13:00 до 14:30 часот, на отворено – паркот или плато на Младинскиот Културен Центар – Скопје и додаваат дека при реализацијата ќе се почитуваат сите протоколи и препорачани мерки за заштита.

„Низ драмски вежби, забавни техники и креативни методи ќе се разработуваат  темите „Екологија и заштита на животна средина“, „Мултикултура“, „Не за насилство“ и „Здрави навики“. Децата ќе имаат можност да фантазираат за подобар свет и да нудат решенија за тоа што би промениле тие кога ќе пораснат. Ваквиот начин на работа ја поттикнува љубопитноста и желбата кај најмладите за неформално учење, го поттикнува индивидуалниот развој на секое дете но во истовреме и чувството за припаѓање и однесување во група, социјализација, стекнување пријателства, препознавање на чувството за солидарност, емпатија, почитување и прифаќање на различностите и недискриминација“, истакнуваат од ДКЦ.

Сите заинтересирани може да се пријават тука, а рокот за пријавување трае до 14 мај. Бројот на учесници е ограничен, а за дополнителни информации се достапни броевите 078 337 273 или 078 832 595.