„МОТ“: Повик за учество на домашни продукции

Од Младинскиот културен центар (МКЦ) информираат дека 47 издание на Меѓународниот театарски фестивал МОТ ќе се одржи од 10 до 19 ноември, а организаторите истакнуваат дека од оваа година ќе се воведе посебна селекција за домашната продукција, а за најдобрата продукција ќе се доделува награда.

Според организаторите новите практики се воведуваат поради несомнено големите заложби за истрајност, континуирано и иновативно делување, но и креативна пркост и оригиналност, пред сѐ на независната театарска сцена.

„Наградата се доделува исклучиво за домашни продукции и мнозински домашни копродукции, а предност при селекцијата ќе биде ставена на продукции што доаѓаат од млади автори, оригинални, неконвеционални и иновативни продукции“, велат од МКЦ.

Оттаму додаваат дека наградата ќе се доделува на најдобрата продукција во целост во период меѓу две фестивалски изданија, а ќе биде изразена преку копродукциско учество на МОТ во следното фестивалско издание со своите техничко-логистички и кадровски потенцијали и 3000 евра директно финансиско учество.

Од МКЦ додаваат дека покрај главната награда, доколку се појави потреба, на фестивалското жири ќе му биде оставена можност по сопствено убедување да додели и друго специјално признание или награда.

Селекцијата на претставите ќе ја прави програмскиот колегиум на ЈУ МКЦ, а жирито ќе биде составено од меѓународна комисија.

Сите домашни автори, трупи и продукции можат да се пријават на овогодишното издание на МОТ најдоцна до 19 октомври, преку формуларот за учество .