Нова платформа за изведувачки уметности на Фестивалот „Прво па женско“

Од Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“ известуваат дека започнуваат со развивање продукција во полето на изведувачките уметности. Оттаму нагласуваат дека со поддршка на „The Kvinna till Kvinna Foundation“ и „FRIDA Young Feminist Fund“, изведувачката програма на овогодинешното фестивалско издание  ќе биде е трансформирана во платформата за изведувачки уметности, симболично насловена „Испробување на феминистички иднини“.

„Во рамки на платформата од јуни до октомври 2021, ќе бидат развиени 2 авторски проекта во полето на современиот танц, перформанс и/или театар на 2 жени уметници кои работат на локалната независната културна сцена во полето на изведувачките уметности, кои не се вработени, ниту пак имаат редовен хонорарен однос со некоја јавна институција од областа на културата“, се вели во нивното соопштение.

Од „Прво па женско“ информираат дека уметниците ќе бидат избрани преку повикот објавен денес, кој ќе биде отворен до 15 мај годинава, додавајќи дека родовата перспектива и истражувачкиот пристап во уметничките пракси на кандидатките ќе се смета за предност.

„Со позиционирање на креативниот процес во полето на феминистичкиот перформанс и театар се создава основа за развивање нови пристапи во уметничките пракси. Претставувањето на женските чувства и искуства без сентиментализирање, ами од политичка позиција, има силен потенцијал да го дестабилизира политичкиот и уметнички „статус кво“, кој е длабоко вкоренет во локалната иведувачка сцена, како што е за жал вкоренет и во нашето општество воопшто“ ,вели Кристина Леловац, авторка на концептот на платформата и уредничка на изведувачката програма на Фестивалот „Прво па женско“.

Програмата на платформата ќе вклучува систем на постојана поддршка во кој секоја уметница ќе добие креативна, финансиска и продукциска поддршка во текот на сите фази и аспекти од креативниот процес, а ќе проследи и серија предавања за интерпретацијата на родот во уметностите, кои ќе бидат отворени и за пошироката професионална публика, со цел да се надомести недостатокот на родова перспектива во формалното образование во областа на уметностите. Двете продукции ќе имаат премиера во рамки на Меѓународниот театарски фестивал „Млад отворен театар“, со што ќе се обезбеди претставување пред поширока публика.

„Земајќи ги предвид дополнителните предизвиците пред кои во последнава година е исправена локалната независна културна сцена, се определивме за создавање уметничка платформа темелена на солидарност, поддршка, заедничко учење и соработка. Целта ни е да го адресираме, но и во извесна смисла да го ублажиме длабокиот удар што КОВИД пандемијата го нанесе на и онака прекаријатната положба на независни жени уметници и културни работнички, а кој недоволната и несоодветна поддршка што годинава ја обезбедија релевантните институции само го засили и продлабочи“, изјавија од „Тиииит! Инк.“, кои годинава по деветти пат го организираат „Прво па женско“.

Фестивалот ќе се одржи во текот на месец јуни на повеќе локации низ Скопје.