Онлајн изведба на претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ за 10 години Скопје танцов театар

За својот јубилеј, Скопје танцовиот театар ќе има овозможи на љубителите на танцот во петок (9 април), во 20 часот бесплатно, премиерно да ја проследат онлајн изведбата на претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“.

Годинава, театарот доби покана да гостува во Националниот театар Шајо во Париз, Франција, еден од најдобрите и најпрестижните светски театри за современ танц.

Десет години претходно, беше изведена првата претстава на Скопје танцовиот театар, насловена „Меѓусвет“, во кореографија на Рисима Рисимкин, со која официјално започна со работа првата официјална современа танцова компанија во Северна Македонија.

„Работата на овој театар промовира нова естетика кај нас и се бави со истражување и продукција во областа на современиот танц“, се вели во соопштението.

Скопје танцовиот театар, има остварено повеќе целовечерни продукции зад себе, како и повеќе кратки кореографии.

Во неговиот репертоар, покрај делата на Рисима Рисимкин, се изведуваат дела на кореографите: Џенис Бренар и Шон Скантелбјури од Њујорк, САД; Џоан ван Дер Маст, Нил Вердрун и Тим Персент од Холандија; Катцура Кан од Јапонија; Антон Рудаков од Германија; Антонело Тудиско од Италија; Јотам Пелед од Израел; Шимон Кубан од Република Чешка и други.

На сцената на Скопје танцовиот театар свое деби имаа повеќе млади кореографи, меѓу кои: Адријана Данчевска, Дејан Битровски, Матеа Киселичка, Дора Кокољ, Валентино Апостоловски, Александра Петрушевска, Андријана Андреева и други.

Скопје танцовиот театар има остварено повеќе гостувања, низ Македонија, како и во странство, и тоа во: Хрватска на Интернационалниот фестивал за современ танц и невербален театар, Санвинченто, (2011); Саем за танц, Дизелдроф и Културбункер во Келн, Германија (2012); ИТС фестивалот во Амстердам, Холандија, (2013); “Meet in Beijing”, интернационален фестивал во Пекинг, Кина, “Open stage program“ во Хаг и Ротердам, Холандија (2015), “Share” фестивалот, во Братислава, Словачка (2017 и 2019), „Mariytime Silkroad Festival“ (2017) во Чуанџо, Кина.

Скопје танцовиот театар во 2018 година, со претставата „Кожа“ гостуваше на најзначајниот фестивал за танц во Европа – „Holland Dance Festival“, а во август истата година, го затвори 37-то издание на фестивалот „Battery Dance Festival“ во Њујорк, САД. Во октомври 2018 година Скопје танцовиот театар настапи на Интернационалниот фестивал за танц на Пекингшката академија за танц со проектот „Егзистирање“.

Во 2020 Скопје танцовиот театар имаше настап на „Соло танцовиот фестивал“ во Анкара, Турција, со дел од претставата „Идентитети-Историја на еден растегнат сон“ на Рисима Рисимкин.