Повик за учество на Драмскиот аматерски фестивал

Во тек е повикот за учество на 58. издание на Драмскиот аматерски фестивал во Кочани, кој годинава е најавен да се одржува од 22 до 28 мај.

Право на учество имаат аматерски театри, работилници, драмски секции, студија, групи кои аматерски се занимаваат со рецитаторство,  експериментални и алтернативни сцени и други форми на самостојно сценско изразување и организирање кои творат во полето на драмскиот аматеризам во категориите: театар за деца и младинци, драмски аматеризам со елементи на традиционални, современи, авангардни и експериментални сценски изразни средства и модели;

На ДАФ се прикажуваат автори и дела, театарски претстави од домашни и од странски автори. Изборот на драмскиот материјал е слободен и одредуван од страна на учесниците во натпреварот во рамките на завршните фестивалски денови.

При подготвувањето на драмскиот проект може да се консултираат и ангажираат и стручни лица, режисери, артисти, драматурзи, …

Во претставите на аматерските драмски ансамбли не може да настапуваат професионални артисти вработени во театарските куќи во земјава и во странство.

„Вкупниот број на членови во аматерскиот театар што учествува во подготовка и изведба на драмскиот проект не смее да надминува повеќе од 16 лица за домашен драмски ансамбл и 10 лица за меѓународни аматерски ансамбли. Отстапување од одредбата за бројот на учесници може да биде одобрено само од страна на Фестивалската управа“, посочуваат од ДАФ.

 Пријавите за учество и снимените материјали (во електронска форма) треба да се достават најдоцна до 20 април 2021 година, на е-пошта: festivaldaf@gmail.com