„Котел“ на Скопје танцов театар и УГД на сцената на Домот на културата во Битола

Вечерва (2 ноември) во 20 часот на сцената на Домот на културата во Битола ќе се изведе кореографијата „Котел„ на Скопје танцовиот театар и студентите на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“.

Претходно, во 19 часот ќе се отвори изложбата на македонскиот костимограф Благој Мицевски под наслов „Опера/Драма/Балет“, како одраз на соработката на Мицевски со тројца автори: режисерот Диего де Бреа, Словенија, режисерот Џон Блондел, САД и кореографката Рисима Рисимкин.

Настанот е поддржан од Општина Битола и е дел од манифестациите кои се одржуваат по повод одбележување на Денот на ослободување на градот Битола, 4ти ноември.

Кореографијата „Котел“ е создадена во 2018 години од кореографката Рисима Рисимкин за Скопје танцовиот театар и премиерно изведена на Танц Фест Скопје. Оваа кратка кореографија, на музика на Тони Китановски, со костимите на Благој Мицевски е оценета како извонредно достигнување и е селектирана на повеќе светски фестивали, меѓу кои „Holland Dance Festival“ во Хаг, Холандија, „Battery Dance Festival“ во Њујорк, САД и „Меритајм силк фестивал“ во Чуанџо, Кина. Кореографијата со огромен успех е изведена на сите странски фестивали, но и многупати во Скопје и низ Македонија.

Соработката на кореографката Рисимкин и Благој Мицевски датира од 1993 година, а од 1996 година интензивно соработуваат на скоро сите нејзини кореографии.  Заедно имаат остварено преку 30 проекти, кои патуваат низ целиот свет. Посебно значајно е гостувањето кое Рисимкин и Скопје танцовиот театар го остварија во март 2022 година, кога беа дел од сезоната на Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Париз, Франција со претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“, која париската критика ја нарече брилијантна и софистицирана, а Рисимкин како извонреден авангарден кореограф.

Во „Котел“ на сцената на Домот на културата во Битола, вечерва, ќе настапат членовите на Скопје танцовиот театар: Адријана Данчевска, Дејан Битровски, Анастасија Данчевска и Бобан Русески, како и студентите на Катедрата за современ танц, при универзитетот „Гоце Делчев“: Сара Димовска, Викторија Коцева, Стефани Шаршмит, Клара Христова и Микаела Ангела Глигорова. Работата на Скопје танцовиот театар е поддржана од Министерството за култура и Град Скопје. Студентите на Катедрата за современ танц при УГД својата пракса ја изведуваат во професионалните продукции на Скопје танцовиот театар.