Европски филмови за деца и тинејџери во рамките на офф-програмата на „Бит Фест 2022“

Четири филмови наменети за тинејџерската и детската публика од 13 до 16 септември ќе се прикажуваа во киното „Манаки“ во Битола во рамките на офф-програмата на битолското културно лето „Бит Фест 2022“.

Станува збор за четири филмски наслови од европска продукција кои опфаќаат различни теми кои отвораат нови видици на децата во области кои би го задоволиле нивното љубопитство како тајните на вселената, екологија, како и проблемите на тинејџерите во модерното општество: oсаменоста, прифаќањето на различните од себе, булинг…

Првата проекција е закажана за утре во 19 часот со италијанско/австриско/швајцарската копродукција „Вселенското момче“ во режија на Оливие Перу за 11-годишниот Џим со пасија за вселената и науката. Филмот ја освои главната награда на интернационалниот детски и младински фестивал во Бусан.

На 14 септември ќе биде прикажана германската детска авантура „Рока го менува светот“, во режија на Катја Бенрат. Рока има 11 години и живее прилично уникатен живот. Додека нејзиниот татко гледа над неа како астронаут од вселената, Рока живее сама со нејзината верверица и за прв пат во нејзиниот живот оди во нормално училиште.

На 15 септември е закажана проекцијата на италијанскиот филм „Брат ми брка диносауруси“, во режија на Стефано Ципани – најдобар филм за млада публика на Европската филмска академија во 2020 година. Филмот е снимен според бестселерот на Џакомо Мацариол.

Последната проекција на 16 септември е на шведската комедија „Брит Мари беше тука“, во режија на Тува Новотни.

Сите проекции се од 19 часот, а влезот е слободен.

Проекциите ги организира продукциската и дистрибутерска куќа „Катавеј“ од Скопје, која во последните шест години прикажува филмови наменети за помладата публика, во соработка со ЈОУ КИЦ Битола.

Проектот е поддржан од Општина Битола во рамките на офф програма на „Бит фест 2022“.