„ГЛУМиЦИ“ ја доби наградата БИШ за најдобра претстава меѓу две изданија на Меѓународниот фестивал МОТ

Претставата „ГЛУМиЦИ“ ја доби наградата БИШ за најдобра претстава меѓу две фестивалски изданија на 47. издание на Меѓународниот театарски фестивал Млад отворен театар (МОТ).

Во продукција на колективот „Артопија“, во претставата играат Наташа Петровиќ, Симона Спировска, Ненад Митевски, Бојан Кирковски, Мартин Јорданоски, Кристина Леловац, Никола Наковски и Никола Ристески.

Според жирито во состав на Јанко Љумовиќ, продуцент и професор од Црна Гора, Рок Вевар, историчар на танцот и куратор од Словенија и Наташа Гвозденовиќ, новинарка и театарска критичарка од Србија, „ГЛУМиЦИ“ го содржи сето она што е потребно за иднината на театарот.

„Умее да го види својот сопствен живот, од тој живот да се шали и да го претвори во автонаратив во кој човекиот труд, меѓу другото, се создава надвор од тестостеронската инструментализација на изведувачите, од кои се очекува да ја сервисираат авторитарната уметничка желба“, се вели во образложението од жирито.

Во образложената одлука се додава дека рустикалноста на самата претстава и праксата со која таа се служи се важни, за да сфатиме дека во производството на системските аномалии насмевнато партиципираме, како што се вели, сите: уметниците, продуцентите и јавноста (публиката), а функцијата на духовитите, нетрауматизирани пристапи е услов и за дистанцата и за видливоста, кои колективот на претставата ги остварува.

„Актерките и актерите во ниту еден момент не се во позиција на жртва на системот, напротив: тие ги прават видливи контрадикторностите на различните театарски и егзистенцијални ситуации со својата хистрионска виталност, актерскиот талент, интелигенцијата и способноста за анализа, артикулација и (животна) импровизација, кои пред нас се случуваат – што е важно! – без морализирање“, се забележува во описот.

Наградата БИШ оваа година за прв пат беше воспоставена на фестивалот, во чест на основачот, уредникот и таткото на МОТ, Љубиша Никодиновски Биш.

На годинешното 47. издание на МОТ кое се одржуваше во периодот од 10 до 19 ноември во Младинскиот културен центар Скопје беа одиграни 23 театарски претстави и перформанси од домашната и меѓународната театарска сцена. Како дел од програмата бела и работилници и отворени дискусии со уметници од областа на театарот.