МКЦ отвори повик за ликовната програма 2022

Младинскиот културен центар распиша повик за уметници што сакаат да партиципираат со проекти од областа на визуелните и применетите уметности, како дел од програмските активности на МКЦ за 2022 година.

На повикот можат да се пријават автори, куратори, уметнички групи/колективи, уметнички и културни организации и институции.

Од МКЦ посочуваат дека учесниците ќе бидат селектирани врз основа на поднесените апликации, за кои ќе одлучува комисијата и програмскиот колегиум на МКЦ.

„Квалитет, иновација, потреби од МКЦ и карактер во опсег на предложениот концепт, се главните критериуми при селекцијата на уметниците и нивните дела. Дозволени се сите уметнички форми и медиуми реализирани со кои било инструменти или техники“, известуваат од институцијата.

Од МКЦ за секоја изложба ќе обезбедат печатење на соодветен каталог, коктел на отворањето на изложбата во сооднос на ковид случувањата, како и  промоција на социјални мрежи и медиуми.

Со цел да земат учество на повикот, апликантите не треба ништо да печатат, носат во архивата на МКЦ или праќаат по пошта – доволно е само уредно да ја пополнат онлајн апликацијата.

Повикот за аплицирање е отворен најдоцна до 1 март 2022.

МКЦ го задржува правото, по претходна согласност и договор со апликантот, да предложи промена на посакуваниот простор и/или термин за реализација.