Премиера на претставата „Дневна доза мазохизам“ на 24 јуни во Младинскиот културен центар

*Според информациите на настанот објавен на Фејсбук, претставата е откажана.

На 24 јуни, четврток, со почеток од 18 часот во Младинскиот културен центар (МКЦ) во салата „25 Мај“ ќе биде одиграна премиерната изведба на претставата „Дневна доза мазохизам“ која е во продукција на Здружението за афирмација на театарската уметност „Пресврт“.

Претставата е во режија на Лука Кортина, а по текст на младата хрватска авторка Дина Вукелиќ. Ликовите ги толкуваат младите Дарко Ристовски, Томислав Давидовски, Марјан Наумов, Јанка Лефкова и Ава Хусеини, како и веќе докажаните Амернис Нокшиќи, Димитрија Доксевски и Ѓорѓи Јолевски. Продуцент на претставата е Петар Антевски.

„Истражувајќи ја опсесијата како генетски код врз кој се создаваат односите меѓу луѓето и опседнатоста како пракса што се артикулира во секојдневието, новиот театарски проект на Пресврт, ‘Дневна доза мазохизам’ го разложува човековиот емотивен распад преку конфликтот што се наоѓа во обичните ситуации. Заслепени од виртуелниот идеал, луѓето често се наоѓаат на крстопатот помеѓу тоа што е и тоа што посакуваат да биде, како што му се случува и на Тома, чие несовпаѓање со светот длабоко се истакнува преку неговата привлечност кон младата ‘инфлуенсерка’ Софија, која пак се бори со сопствениот наметнат калап на своите обожаватели“, стои во најавата за настанот.

Билетите се достапни на билетарницата во МКЦ и онлајн преку следниов ЛИНК.

По премиерата, од МКЦ информираат дека првата реприза на претставата е закажана на 25 јуни со почеток од 20 часот.