„Вело училишта“ отвори повик за креирање вело стрип

Здружението на граѓани „Еко Логик“, во рамки на програмата „Вело училишта“ отвори повик за креирање на вело стрип.

Целта, велат тие, е да увидат што претставува самиот велосипед за децата и истовремено да го потикнат нивниот креативен и истражувачки дух на следните теми:

Мојот велосипед-мојот најдобар другар
Kaко би изгледал мојот идеален велосипедски настaн?
Мојот град=вело град

„Возењето велосипед е една од првите вештини која секој од нас ја искусил уште во најраното детство. Без разлика дали истата сме ја практикувале секојдневно или повремено, возењето велосипед претставува вештина која откако првично ќе ја совладаме останува до крајот на животот. Сигурно се сеќавате на она позитивно чувство кое го имавте кога за првпат седнавте на велосипед и ги свртевте педалите, а тој се придвижи. Чувства на леснотија, слобода и адреналин се оние чувства кои сите ние сме ги почувствувале при првото самостојно возење велоспед. Незаборавно“, стои во повикот.

Од Здружението потенцираат дека возењето велосипед може да се гледа од аспект на стекнување на една од основните животни вештини преку која децата ја подобруваат својата координација, добиваат осет за околината и нејзиното опкружување, но ја зголемуваат и довербата во сопствените способности.

„Возењето велосипед нуди можност за независност кај децата, а претставува и одржлива и еколошка опција за патување од точка А до точка Б. Истовремено, возењето велосипед претставува активност која носи физички и ментални придобивки“, се вели во повикот.

Повикот почнува на 09.05.2021 и трае до 28.05.2021. Наградените творби ќе се објават на 03.06.2021-по повод „Интернационалниот ден на возењето велосипед“.

Право на учество имаат ученици од прво до деветто одделение од основните училишта во Македонија

Повеќе околу повикот, критериумите и начинот на достава на стриповите ТУКА.