Италијанската влада ги намали социјалните бенефиции за илјадници семејства и им соопшти преку СМС порака

Десничарската влада на Џорџа Мелони става крај на бенефициите за илјадници семејства и поединци кои се сметаат за „способни за работа“, јавува Евроњуз.

Се проценува дека 169.000 семејства ширум Италија примиле СМС на крајот на јули со известување дека бенефициите што ги уживале во изминатите четири години нагло ќе бидат прекинати следниот месец.

Бенефитите кои ќе бидат одземени од сите семејства во кои нема инвалидно лице, малолетно лице или поединец на возраст над 65 години, се дел од контроверзниот италијански „приход на граѓаните“ – месечен надоместок за семејства и поединци со ниски примања и невработени.

Програмата за исплата на социјални бенефиции беше воведена во 2019 година од владата предводена од Џузепе Конте, член на Движењето пет ѕвезди, а сега ја укинува крајно десничарската влада на Џорџа Мелони.

Мелони ја објави својата одлука за заострување на системот за социјална заштита веднаш штом дојде на власт како нова премиерка на Италија минатата година, изјавувајќи дека бенефитите ќе бидат целосно укинати до 1 јануари 2024 година за невработените на возраст меѓу 18 и 59 години кои се сметаат за способни за работа.