Италија прогласи вонредна состојба во пет реони поради суша

Италија прогласи вонредна состојба во пет северни региони  поради најлошата суша во последните 70 години во државата, пренесува „Евроњуз“.

Вонредна состојба е прогласена во реоните Емилија-Ромања, Фриули Венеција Џулија, Ломбардија, Пиемонт и Венето, информираа властите преку соопштение. Вонредната состојба се воведува поради пресушувањето на реката По и источните алпски басени.

Советот на министри најави дека ќе издвои околу 36.5 милиони евра за да се справи со сушата.

Долината на реката По, во која инаку се произведува околу 40 отсто од храната во Италија, вклучувајќи жито и ориз, воопшто не се наполни од дождовите во последните четири месеци.

Нивото на водата на најдолгата река во Италија е седум метри под просечната длабочина.

Годинава, според податоците на државното истражно тело ЦНР, во Италија паднале само половина од просечната количина на дождови во последните 30 години.

Со прогласувањето на вонредната состојба, се очекува да се воведат мерки за јавната безбедност, поправки на јавните и приватните простори и да се овозможи нормални услови за живеење на жителите.

Според најголемата земјоделска унија, „Колдирети“, сушата е ризик и за половина од стоката која живее во долината на реката По, каде се произведува познатата шунка „Парма“.

Водата од реката По наводнува оризови полиња и пасишта за крави, од чие млеко се произведува познатото сирење „Пармиџано Реџиано“.

Уште една од последиците на сушата е дека забележлив е пад на произведувањето на хидроелектрична енергија. Хидроелектраните кои се сместени во планинските региони на северна Италија, произведуваат околу 20 отсто од енергијата во земјата.

Истовремено, над стотина општини воведоа мерки за штедење на водата, а на мерките се придружија и градовите Верона и Пиза.