Првиот човек на кој му беше пресаден бубрег од генетски модифицирана свиња почина два месеци по операцијата, соопшти болницата која ја спроведе процедурата.
62-годишниот Ричард Слејман пред да ја направи операцијата во март, боледуваше од бубрежна болест во последен стадиум.
Општата болница во Масачусетс соопшти дека нема индикации дека неговата смрт била резултат на трансплантацијата.
Трансплантација на други органи од генетски модифицирани свињи не успеваше пред операцијата на господинот Слејман што беше поздравена како историска пресвртница.
Покрај бубрежната болест, Слејман страдал и од дијабетес Тип 2 и хипертензија. Во 2018 година тој имаше трансплантација на човечки бубрег што почнал да се распаѓа по пет години.
По неговата операција на 16 март, докторите потврдија дека веќе нема да има потреба од дијализи, бидејќи беше утврдено дека новиот орган функционира како што треба.
Иако господинот Слејмен беше првиот човек кому му беше пресаден свински бубрег, тоа не е првиот свински орган што бил трансплантиран.
На други двајца пациенти им беше пресадено срце на свиња, но овие процедури беа неуспешни и пациентите починаа неколку недели по операциите. Во едниот случај, имунолошкиот систем на пациентот оддавал знаци дека не го прифаќа новиот орган, што е вообичаен ризик кога се прави трансплантација.