[Галерија] Трет пат „Спознавање“ со талентите и културната сцена

Едукативниот културен центар „Лабораториум“ во саботата (27 јануари) беше домаќин на промоцијата на третото издание од списанието „Спознавање“ и првата фотографска книга на младиот фотограф Иво Велчевски.

Дарко Беровски е млад иницијатор од Битола, ПР студент на Правниот факултет, кој не успева да најде одговор на прашањето дали доволно ги поддржуваме нашите локални уметници, па чувствува нагон да придонесе.

Тој објаснува дека со оглед на неговото новинарско и ПР знаење и искуство, решава да создаде сопствена платформа на која ќе им даде простор на сите вредни креативци да блеснат.

Дарко Беровски, лево

Како млад ентузијаст опкружен е со други млади креатори, како АнаМарија Мишачковска – графички уредник и дизајнер, Никола Јовановиќ, Емилија Трајковска, Ангела Василевска и Иво Велчевски – фотографи, со чија помош го „плете“ „Спознавање“, што според него е единствен медиум од ваков вид во Македонија.

„Задачата на една креативна идеја е да ја размрда индивидуата, а истовремено да го насочи колективот кон квалитативна нега“, со овие зборови уредникот Беровски го започнува предговорот од најновото издание на списанието.

Битолчани секогаш се поддржуваат, па така, 27-ми беше значаен ден и за Иво Велчевски, студент на фотографија и камера. Тој освен што е дел од екипата на ,,Спознавање’’, е и самостоен фотограф кој ја промовираше својата прва фото книга ,,Еднаш свет изградив…’’ составена од 60 фотографии работени 2022/2023, повеќето необјавени, како што појаснува и самиот.

(Над)реалистичните моменти доловени преку црно-бел бруталистички стил и по некоја заматена нота го отсликуваа чувството на тукашноста, за моменталното и објективното.

Дел од тимот на Радио МОФ го посети реализираниот настан кој практично беше слободен простор за мноштво артисти да ја претстават својата уметничка техника, оставајќи печат во времето.

Енормната средина која ја нуди „Лабораторум“ беше полна со вљубеници во уметноста, пред сѐ, млади луѓе, но и возрасни и деца дојдени да ,,спознаат’’ дел од она што го нуди македонската сцена.

На самиот почеток беше поставена галерија од најчитаните интервјуа од предходните изданија – со Дина Јашари и Лука Тошев, „Фанк Шуи“, па се до Констракта и „Земја Грува“, со цел присутните да добијат увид во досегашната работа на платформата.

Новиот медиумски простор понуди можност да се „спознаеме“ со музичарите „Пич Вајс“, „Кем“, „Паркети“, „Жива“, „Свемирко“ и „Искра“, потоа со независното театарско здружение „Артопија“ и Пасворд продукција – огранизаторите на „ПИН“ и „Таксират“, младиот фотограф со големо искуство на алтернативната сцена – Никола Јовановиќ.

Понатаму, присутните можеа да прочитат колумни на Ангела Петкова, Бисера Ѓуровска и Светла Јакшиќ, како и интервјуа со креативците Урбанера, Моки, Мајско Бумбарче, NM Illustrations, Midnight Trinkets, Ана Трајковска, Лени Гелева и сликарките Мила Добревска, Марта Патлиџанковска и Јана Танчевска.

Објаснети и делумно прикажани во списанието, но вивидно разлеани низ просторијата беа делата на сите талентирани луѓе. На самиот крај беше поставена инсталацијата „Сито Глампинг“ на Партизанска штампа која го дополнуваше ентериерот.

Се’ на се’, насмеаната и распеана толпа му донесе културна свежина на Скопје. Од „Спознавање“ сметаат дека големата посетеност ги надминала нивните очекувања. Исто така, апелираат на заедничка и поголема поддршка на локалните артисти.

Ангела Петкова
Фото: Илина Илиева