[Фото] Гасоводот ја „делка“ Парк-шумата Водно

Фотографии со гасоводни цевки низ испосечен шумски фонд низ скопската планина објави „Скопје мора да дише“, од каде коментираат дека „Водно е изобличено до непретпознатливост“.

Реагира и иницијативата Го сакам Водно, потсетувајќи дека против ова се бореа цела година и застануваа пред багери.

„Ова е страшно, но замислете го десеткратно повеќе. Замислете 25 метри, наместо 10 метри ширина. Замислете ги 25 метри долж најгустата шума на Водно. Тоа ќе се случеше ако никој не се спротивстави. Лагодно ќе си го истераа целиот проект“, велат активистите.

Тие се уверени дека граѓаните да беа побројни во отпорот, сигурно ќе беше спречено и ова сценарио.

„Може да посочуваме виновници, но најголемиот кривец во ова наше општество, е токму граѓанската пасивност. Сега сликите од штетата и девастираното Водно, немаат повеќе значение. Водно заслужува повеќе! Уништувањето на Водно мора да сопре!“, стои во соопштението на Го сакам Водно.

Инаку, последно околу Водно, градските власти заедно со повеќе институции најавија дека ќе се пошумуваат 578 хектари на јужната и на северната страна на Водно, а од иницијативата рекоа дека будно ќе го следат тој процес.

Освен дежурање во шумата и застанување пред багери, Го сакам Водно досега десетици пати анализираше документи, правилници и закони, при што реагираше на повеќе недоследности и неправилности во изградбата на гасоводната траса 5, за која беа уништени голем број дрвја од заштитената Парк-шума.

Иницијативата, меѓу другото, побара итно да се „Закон за Водно“ во форма на Lex specialis, а во негова изработка да учествуваат и претставници на граѓанските здруженија. Потоа, јасно дефинирање на границите на Парк-шума Водно и нивно обележување, преиспитување на постапката за Сончев град и патот што води до него, но и да се изнајде решение за ублажување и санација на штетата предизвикана со тој проект.

Исто така, еко-активистите побараа кулата на АЕК да се опслужува само со жичарата и сопствено возило за достава, да се направи увид на деградираните пасишта и земјоделско земјиште во Парк-шумата, да се лоцираат и исчистат сите депонии формирани на Водно, формирање на ново ЈП „Водно“ надвор од рамките на „Паркови и зеленило“, но и ренџерска служба во новото претпријатие.