Го сакам Водно на Шилегов му однесe новогодишно пакетче со барања за Парк-шумата

Новогодишно пакетче со специјални чоколатца и обвиткани барања за Водно, денес доби градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Активистите од иницијативата Го сакам Водно на градскиот татко му го однесоа пакетчето во бараките на администрацијата во Градски парк, каде посочија дека барањата се однесуваат како понатаму би функционирала планината.

Истовремено, нагласија не се откажуваат од противењето на гасоводот низ Водно, за кој рекоа се гради со многу недостатоци и законски нерегуларности. Исто така, велат тие, Шилегов во ниту еден момент не дал издржан одговор откако го сменил ставот за гасоводот, а претходно детално објаснувал зошто е против траса низ заштитената Парк-шума.

Барањата на Го Сакам Водно до градоначалникот ви ги пренесуваме во целост:

1.Итно да се донесе „Закон за Водно“ во форма на Lex specialis. Во изработка на овој закон да учествуваат и претставници на граѓанските здруженија.

2.За време на изработката на „Закон за Водно“ Министерството за животна средина и просторно планирање да издаде привремен заштитен статус на Водно, како би се оневозможила понатамошна узурпација на Парк-шумата.

3.Јасно дефинирање на границите на Парк-шума Водно и обележување на истите. Наш предлог е тоа да биде со јасно воочливи дрвја, означени со боја, како нов насад по самите граници.

4.Да се преиспита постапката за Сончев град и патот до Сончев град, и да се изнајде решение за ублажување и санација на штетата предизвикана со тој проект. Веќе се најави странска помош за реализација на истото, а јавно изјавуваме дека во ова сме спремни и да земеме активно учество.

5.Покрај гасоводната траса, Сончевиот град и патот до него, свесни сме и за останатите штетни проекти кои се започнати, па во таа смисла, кулата на АЕК, да се опслужува само со жичарата и сопствено возило за достава , односно да нема можност за транспорт до самиот врв. Рампата која води до врвот да биде опслужувана 24 часа. Моменталниот земјен пат од бункерите до врвот на Водно, кој сега се користи за градежна механизација, да се отстани слојот на чакал, истиот да се потреви и да биде достапен само за теренски возила.

6.Да се направи увид на деградираните пасишта и земјоделско земјиште во рамки на Парк-шумата, оние кои се на РМ или не се обработуваат од сопствениците, да се бидат предмет на пошумување каде е тоа соодветно. Цел на тоа е зголемување на површините на шума во рамки на Водно.

7.Да се лоцираат, мапираат и исчистат сите депонии формирани во Парк-шумата. Истите итно и неодложно да се отстранат од Парк-шумата и да се обезбеди стратегија за нивно повторно формирање.

8.Да се формира ново ЈП „Водно“ надвор од рамките на ЈП “Паркови и зеленило“, каде сега постои само одделение за Водно. Истото да стопанисува со паркинзите на Водно и да биде задолжено за редот и чистотата на Парк-шумата.

9.Да се формира ренџерска служба на Водно, во рамките на новото ЈП, со сопствен возен-парк на теренски возила соодветни за заштитено подрачје. Истата да ги има сите ингеренци на шумска полиција. Да има и своја екипа за прва помош и спасување, со работно време од 24 часа.

10.Да се реши статусот на одредени градби во рамките на Парк шумата, кои се започнати и никогаш довршени, како на пример детско одмаралиште, но и кои стојат со години не функционираат, како домот на ПТТ. Целта е да се дефинираат и изнајде начин за нивна санација и преадаптација на овие објекти, со што би станале пр. Детски едукативен центар, Музеј на Водно, Медиатека и сл.

11.Голем проблем на Водно е недостигот на вода на Водно, но и во детското одмаралиште, што е и една од причините тој објект е напуштен. Наместо скапо решение за носење на градски водовод, да се разгледа опција за изработка на резервоари за прифаќање на дождовна вода или каптирање на постоечки извори, каде со нивно филтрирање би се користела барем како техничка вода.

12.Да се организираат работилници, семинари и активности кои би се одржувале на Водно, а во кои би учествувале градинки, основни и средни училишта, со цел едукација на децата и младите за Водно. На овој начин, младите ќе се вклучат активно во заштитата на самата планина.

13.Оштетените и паднати дрвја да се искористат за изработка на видиковци, кули за надбљудување, патокази, клупи, детски реквизити, огласни и информативни табли, како и огради на поопасни места и патеки.