Водно ќе се пошумува, еко-активистите најавија дека будно ќе го следат процесот

Претставници на Град Скопје, министерствата за животна средина, транспорт и врски и ЈП „Паркови и зеленило“ пред иницијативата Го сакам Водно ја презентираа предлог-програмата за пошумување и рекултивација на планината Водно.

„Предлог- програмата е изработена од работната група по направена сеопафатна анализа на документацијата за Водно и содржи генерален план за рекултивација и пошумување, план за приоритетно пошумување, како и предлог идни активности за пошумување и рекултивација. Со генералниот план планирано е пошумување на 578 хектари на јужната и на северната страна на Водно, а како приоритетни во првата фаза се планирани 25 хектари на 6 локации“, велат од Град Скопје.

Од таму посочуваат дека финансиските средства за реализација на програмата во висина од 43 милиони денари се обезбедени од Владата и Македонски енергетски ресурси (МЕР).

„Работните средби со претставниците од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ ќе продложат и во наредниот период во насока на утврдување на финална верзија на програмата и нејзина реализација“, соопштија од Град Скопје.

Средба меѓу претставници на институциите и Го сакам Водно

Од Го сакам Водно потврдуваат дека „иако нусогласена и идентично дефинирана“, се одржа средба меѓу активистите и претставници на иницијативата.

Активистите биле запознаени со нацрт план што оваа работна група го подготвила, кој подолг период го бараа на увид.

„Како што веќе рековме, ние од борбата за Водно не се откажуваме! Во ситуација кога шумниот дел од трасата е веќе исечен, единствена можност нешто позитивно да се случи за Водно е ревитализација со средствата кои владата под притисок на нас, граѓаните, ги намени за обнова на растителниот фонд на Водно. На средбата добивме уверувања дека овој план ќе биде детално доработен и прецизиран во најбрз можен рок, а имплементиран до крајот на оваа година, во период кога е возможно садењето“, велат од иницијативата.

Од Го сакам Водно се согласиле неговото довршување и изведба да биде јавно и транспарентно, проектирано и испланирано од стручни лица, инженери, професори…

„Нема да дозволиме и овој пат да останат овие планови само ветувања кои нема да се реализираат од икс причини. Планот најавува ревитализација каква досега не е реализирана на Водно од пошумувањето во педесетите години! А тоа му го должиме на Водно. Ние се обврзуваме и веруваме дека Водно не смее да изгуби! Ќе бидеме чекор до чекор во секој сегмент на имплементацијата, а на оваа средба тоа ни беше ветено! Водно мора да победи!“, стои во соопштението на иницијативата.