Екологистите бараат одговор од Владата за гасоводот на Водно

Група еколошки здруженија и граѓански иницијативи денеска преку соопштение реагираат на одлуката гасоводната делница Скопје-Тетово-Гостивар да продолжи да се гради по истата траса, низ Парк шумата Водно. Очекуваат одговор од Владата за ова прашање.

„По повод вчерашната објава на изјавата на директорот на МЕР каде Владата одлучила гасоводната делница Скопје – Тетово – Гостивар да продолжи да се гради по истата траса низ Парк шумата Водно, со неколку измени и мерки, очекуваме јавен одговор од Владата со објавување на нејзината одлука гасоводот да мине низ Парк шума Водно, донесена на владина седница, се вели во соопштението од еколошките здруженија и граѓански иницијативи.

Според нив, последниот официјален став на Владата познат на јавноста е од 27 март 2018 година. Тогаш беа задолжени Министерството за транспорт и врски, Град Скопје и МЕР да најдат заедничко прифатливо решение во однос на изградбата на магистрален гасовод Делница 5 Скопје – Тетово – Гостивар кај потегот на Водно.

Соопштението е од граѓанските иницијативи и здруженија: Го сакам Водно, О2 Коалиција, Стоп на загадувањето, Спас за Водно, Зелено Тафталиџе, ЕкоКарпош 3,2,1, Ние сме Карпош 4, ФРОНТ 21/42, МТБ Оксижен, I love hiking, Гоу Грин, Грин Пауер, Скопје Смог Аларм, Билка, Плоштад Слобода, Еко Свест, Сакаме Аеродром да дише.

Нивната реакција доаѓа по вчерашното интервју на директорот на Македонски енергетски ресурси (МЕР) Бајрам Реџепи во интервју за МИА во кое тој вели дека Владата одлучи гасоводната делница Скопје – Тетово – Гостивар, што е предвидено да заврши до Охрид, да продолжи да се гради по истата рута, но со неколку измени и мерки.

„Се предвидува да се намали ширината на работниот појас од 25 на 10 метри и да се измени трасата на самиот врв на Водно каде е високостеблестата шума. Новопредложената траса ќе биде покрај една постоечка патека и постоечки пат, само се предвидува да се прошири од лева и десна страна по неколку метри и со тоа уште повеќе ќе се избегне сечењето на шумата на Водно, која според анализите на јавното претпријатие Паркови и зеленило Скопје изнесува околу 1.400 метри кубни сеча на дрва“, изјави Реџепи за МИА.

Претходно екологистите и владини претставници се сретнаа, еднаш на Водно, вторпат во Владата, каде разговараа за трасата на гасоводот чија изградба ќе ја уништи густата шума по сртот на планината.