[Фотогалерија] По патот на гасоводната траса низ Водно

Граѓани, активисти од иницијативата „Го сакам Водно“ и претставници од неколку институции денеска заедно ја минаа патеката по која би се движела гасоводната траса низ Парк-шумата Водно.

Пешачеа по претпознатлив планинарски предел. Трасата оди десно од врвот Крстовар, па по сртот се движи накај Матка. Односно, паралелно со пешачката патека кон бункерите, преку шумски фонд оди до Бел Камен, од каде се спушта кон селото Шишево. Низ патот се забележуваат маркирани планинарски знаци, цвеќиња, пеперутки и дрвени куќарки. Некаде се гледа и по некое тазе искорнато дрво.

Водно Vodno

Групата отиде до местото каде веќе почна да работи машинерија, па назад до врвот. Пропратно, сите заедно земаа здив кај „паркираните“ багери.

За цел овој предел активистите неколку пати реагираа дека се работи за заштитено подрачје, дом на значајни ретки и ендемски видови. Плус, Водно е ерозивно подрачје, па бараа алтернативна траса.

Директорот на Македонски енергетски ресурси (МЕР), Бајрам Реџепи рече дека трасата сега е корегирана. Според него, стигнале до решение со кое за 70% ќе се намали сечењето на дрвјата за гасоводот.

Водно Vodno

„Очекуваме за 3-4 месеци да се изведе целава делница и потоа да се врати во првобитна состојба, така што за неколку месеци нема да се познава каде е изградено (со гасовод н.з.)“, тврди Реџепи, потенцирајќи дека во 2010 е направен идејниот проект, а одобрението за градба во 2016 година.

Според него, разгледани се и другите алтернативи, надвор од сртот на Водно. Меѓутоа, тврди, тоа ќе го одложело гасоводот за 3-4 години, а истовремено „поврзани се со рокови, обврски договорени кон банките и другите субјекти“.

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, призна дека активистите делумно или најголем дел биле во право со своите барања. Во голем дел трасата е искорегирана, рече тој, со тоа што каде можело да се избегне шума – се избегнало.

Водно Vodno

„Но и покрај што е направено максимално избегнување, во еден дел мора да се помине низ шума. Таму ќе се користат постојните шумски патеки, со минимални оштетувања. Се надевам дека ќе дојдеме до заеднички јазик како оваа делница да се изгради. Ќе споредем од еколошки апспект – доколку се пролонгира изградбата на гасоводот, во тој случај несразмерно многу шума ќе се исече за греење од тоа што тука би се оштетила. Сега тоа ќе биде минимално“, изјави Анѓушев.

И тој смета дека корегираната е оптимална траса, а истовремено им заблагодари на невладините организации што биле вклучени во целиот процес за, како што рече, да ја натераат државата да размислува онака како што треба.

На прашањето до кога поединци ќе ги корегираат грешките на институциите, Анѓушев одговори „се додека немаме држава која ќе биде за сите, држава која ќе ги почитува сите правила“.

„Ако се направи солидна јавна расправа, сите постапки, без државата да силува преку своите институции, такви работи нема да се случуваат“, забележа тој, дополнувајќи дека ќе инсистира покрај градежен надзор, здруженијата да бидат дополнителн еколошки надзор на изведбата на гасоводот.

Андреа Јанков од „Го сакам Водно“ новите измени на трасата ги окарактеризира како начелни, прелиминарни  проекти кои се прават од „Чакар партнерс“, изведувачите на основниот проект.

„Останува да продискутираме за овие дадени предлози со кои навистина се намалува импактот врз Водно. Од претходните четири километри шумски појас уништување, сега можеби се намалува на два, се јавува теснење, односно користење на постоечки патеки. Тоа стои. Но, останува да продолжиме со разговорите, за да добиеме адекватно решение со кое сите би биле задоволни“, рече тој.

Според Јанков, надзорот на иницијативата не завршува тука. Останува да алармираат, сугерираат, а нивната работа допрва почнува.

„Треба да ги освестиме и самите граѓани што значи Водно за Скопје и за нив самите. А, со тоа, активно да се вклучат во вакви случувања, во самото граѓанско општество“, нагласи Јанков од „Го сакам Водно“.

Водно Vodno

Водно Vodno

Водно Vodno

Водно Vodno

Водно Vodno

Водно Vodno

Водно Vodno

Водно Vodno

Водно Vodno

Водно Vodno

Водно Vodno

Водно Vodno

Водно Vodno

 

Бојан Шашевски